Кога слободата значи - да стигнеш во затвор

Холандија сместува бегалци од сириската криза во своите затвори. Но, кочете малку со тој цинизам на прва топка.

Не е тоа мала иронија на судбината, да бегаш од пеколот на сопствената земја, да поминеш голгота од илјадници километри и конечно да влезеш во пристојна земја а таму да бидеш сместен во затвор.

Тоа се случува во Холандија која откако увиде дека постоечките сместувачки капацитети нема да можат да го алиментираат бранот бегалци (имаат преку 50.000 мигранти кај себе), решија повторно да ги отворат празните затвори и други КП домови.

Ова говори за најмалку две битни работи:
а) за волјата на Холандија да им помогне на луѓе во невоља;
б) хеј, па тие имаат празни затвори!

Мухамед Мухеисен е двоен добитник на Пулицерова награда за фотографија и шеф на фото редакцијата на Асошиетед прес од Блискиот исток. Му требале 6 месеци да ја добие потребната дозвола за фотографирање а потоа поминал 40 дена во разни вакви објекти во цела земја, отворени од Агенцијата за прием на баратели на азил.

Луѓето овде минуваат по 6 месеци додека не им се реши правниот статус во земјата. Се разбира дека им е јасно дека се во затвор но велат дека барем имаат кров над глава и дека се чувствуваат безбедно.

Додека се внатре, главно ги учат двете работи суштински потребни за живеење во Холандија: јазикот и возењето точка.

Ова се фотографиите на Мухеисен:

18 мај 2016 - 14:06