Како републиканците можат да го сменат Трамп, дури и ако тој не сака

Како што почна да зема на сила тазе објавената снимка со фалењето на Трамп околу жените, така републиканскиот кандидат одржа прес-конференција каде на своите поддржувачи, а и на сè останато, им порача "никогаш нема да се откажам од трката за претседател."

Тоа што тој не планира да се откаже, не значи дека републиканците немаат на располагање мерка како да го направат тоа во негово име, меѓутоа проблемот е што планот е прилично болен за двете страни, се користи во крајно безизлезни ситуации и никој не гарантира дека ќе успее. Процената е дека републиканците би се решиле на овој потег само во случај ако сметаат дека имаат нула шанси да стигнат до потребните 270 електорални гласови.

"Без разлика дали Трамп ќе остане во трка - и гарантирано ако остане - може да претпоставиме дека неговото име ќе биде на гласачкото ливче во најголемиот дел, ако не и во сите 50 сојузни држави. Сега веќе е премногу доцна да се направи измена на гласачките ливчиња, посебно бидејќи во неколку држави е започнат процесот на рано гласање. Меѓутоа републиканците кои не можат да се натераат себе си да го поддржат Трамп имаат начин како да ја заобиколат оваа пречка.

Замисли ситуација во која целото раководство на Републиканците јавно се одрекува од Трамп, и ова постојано им го повторува на граѓаните преку медиумите и лавина од ТВ реклами платени од богатите супер ПАК-ови. Републиканскиот национален комитет, Републиканските конгресни лидери, па дури и изборниот партнер на Трамп, гувернерот Мајк Пенс, би можеле да ја испратат следната порака до Американците: иако на вашето гласачко ливче се уште ќе пишува 'Трамп', додека вие гласате за него, ние ќе побараме од нашите претставници со електорални гласови во исто време да го дадат својот глас за друг, однапред утврден кандидат. Ова би можело да биде кој било од: Пенс, Ромни, Пол Рајан, Џон Касич, или кој и да е што републиканскиот естаблишмент ќе реши дека е нивниот избор. За поедноставно, ајде овој некој или некоја да го наречеме 'другиот'.

Од правна перспектива, она што навистина е важно за крајниот исход од изборите не се имињата на кандидатите на гласачкото ливче за кое граѓаните ќе гласаат на 8 ноември. Она што е важно е што ќе се случи на 19 декември, до кога според Уставот, сите претседателски електори од електоралниот колеџ ќе треба да ги имаат дадено своите гласови за претседател. Не заборавајте дека електорите, а не граѓаните, гласаат за претседател. Граѓаните гласаат за електор.

Иако 50 сојузни држави имаат различни закони за тоа како може еден електор да гласа, дали мора да гласа за кандидатот на ливчето или може да гласа за 'друг', сепак не постои внатрешен механизам кој би спречил прекршување на ова правило: според 12-от Амандман гласовите на електорите се испраќаат до Конгресот. Па се додека нема дебата кои се електорите, бидејќи тие се избрани како резултат на граѓаните кои гласале на 8 ноември, тогаш какви резултати и да се испратат до Конгресот ќе бидат одлучувачки за претседателот. Не можеш да ги сопреш електорите да ги испратат своите гласови за 'другиот' во Конгресот, ако одлучат тоа да го направат," пишува Едвард Фоли во текстот за Политико.