Како пропаднаа 63 милиони долари лото премија

Во четвртокот вечерта истече последниот рок за подигање на лото премијата од 63 милиони долари, која минатата година се падна на ливче продадено во Јужна Калифорнија. Има еден што тврди дека парите се негови, ама не му го признаваат ливчето.

Ова е рекордна неподигната премија на лотарија во Калифорнија, надминувајќи ги досегашните 28,5 милиони долари од тикет продаден во 2003-та.

Портпаролот на лотаријата изјавил дека во оваа една година никој немал донесено "добитно ливче на кое ги има сите броеви и кое не е оштетено."

Наспроти лотаријата е извесен Бренди Милинер, кој во средата поднесе тужба до судот во Лос Анџелес, во која тврди дека тој го има добитно ливче и дека истото и го дал на лото комисијата, за што таа првично му вратила и писмо со честитки.

Сето ова одлично се развива за Милинер се до јануари годинава, кога комисијата му праќа уште едно писмо во кое вели дека неговото ливче е "премногу оштетено за да може да биде реконструирано," и како такво не може да биде земено предвид како добитно. Милинер во тужбата си ги бара 63-те милиони долари, како и покривање на правните трошоци.

Портпаролот одбил да коментира по тужбата, општо коментирајќи дека секој пат кога има некоја награда што никој не ја побарал, се појавуваат луѓе кои тврдат дека тие се добитници.

Ако Милинер изгуби на суд, парите ќе бидат пренасочени во јавното образование во Калифорнија. Ако победи на суд, го чекаат 40 милиони (без наплатени даноци) ако се реши на еднократна исплата, или целите 63 милиони на рати на 30 години.

5 февруари 2016 - 10:50