Како популистите победуваат кога ќе изгубат

Се до мартовските избори во Холандија популистичкиот бран, или како што Фараж го нарече "цунами", изгледаше незапирлив. Сега, бранот одеднаш се повлече: по големата победа на Макрон на француските претседателски и парламентарни избори, ние наводно живееме во "пост-популистички момент", пишува професорот по политика на Принстон Универзитетот, Јан Вернер Милер.

"Идејата за незапирлив бран зема здраво за готово дека и брегзит и победата на Трамп се триумф на популизмот, а не за конзервативниот естаблишмент.

Секако, и Фараж и Трамп се популисти, ама не затоа што ги критикуваат елитите. Сепак претпазливоста во однос на елитите може да биде знак на демократска активност. Она што ги разликува популистите се нивните тврдења дека само ти ги претставуваат 'вистинските луѓе' или 'тивкото мнозинство'. За популистите изборите никогаш не се само околу спротивставени политики; тие се однесуваат на личната корупција, неморалноста и фундаменталниот нелегитимитет на сите други конкуренти за власт.

Помалку очигледна ама поопасна е инсинуацијата дека граѓаните кои не го споделуваат сфаќањето на популистот за 'луѓето' и со тоа политички не го поддржуваат, не се легитимни членови на политичкиот систем," пишува Милер.

Како пример тој ги наведува победите на брегзит и Трамп. Во првиот случај Фараж прогласува дека тоа е "победа на вистинските луѓе", што значи дека 48% кои гласаа за останување во ЕУ не се дел од вистинските Британци. Во вториот случај Трамп на митинг порачува дека најважно е обединувањето на луѓето (гласачите) околу него, "затоа што сите останати не значат ништо".

"Да се каже дека 'луѓето' се креваат против 'естаблишментот' не е неутрален опис на политичките случувања; тоа е популистички јазик. Тој го прифаќа популистичкото тврдење дека тие автентично ги претставуваат 'луѓето'.

Всушност, ликови како Фараж или Герт Вилдерс не се ни блиску до привлекување на мнозинството од електоратот. Кога политичарите и новинарите мрзливо признаваат дека популистите ги артикулираат 'вистинските грижи' на луѓето, тие покажуваат длабоко неразбирање за тоа како функционира демократското претставување.

Демократското претставување не е механичка репродукција на објективни интереси и идентитети. Интересите и идентитетите динамички се формирани како што политичарите даваат понуда за претставување, а граѓаните одговараат на тоа. Трамп, на пример, несомнено успеа да убеди некои Американци да се видат себеси како дел од нешто налик движење на белиот идентитет. Ама тој идентитет - начинот на кој ги врамува интересите - може пак да се смени," објаснува професорот.

Според него идејата за незапирлив популистички "бран" отсекогаш била заблуда. Фараж не успеа сам да го добие брегзит. Нему му помогнаа етаблирани конзервативци како Борис Џонсон и Мајкл Гов (и двајцата моментално во кабинетот на британската премиерка). Иста е и ситуацијата во САД каде Трамп е избран со поддршка од републикански тешкаши како Руди Џулијани и Њут Гингрич (дури 90% од луѓето што себе си се идентификуваат како републиканци гласаа за Трамп).

Како пример за прашањето од насловот тој ја наведува ситуацијата во Холандија, каде Вилдерс, инаку вистински популист, изгуби од централно десниот, сега премиер, Марк Рут:

"Меѓутоа неговиот главен конкурент, Марк Рут, прифати реторика карактеристична за Вилдерс – порачувајќи им на имигрантите дека тие треба да ја напуштат земјата ако не сакаат да се однесуваат 'нормално'.

Рут не стана популист - тој не тврди дека е единствениот легитимен претставник на автентичниот Холанѓанец. Ама политичката култура се помести кон десно, без каква било демократска авторизација од граѓаните. Популистите победуваат, иако номинално губат, кога конзервативците ги копираат нивните идеи."

17 јуни 2017 - 17:53