Доналд Трамп

Како ќе станам првиот селебрити претседател

Во 2000-та, уредникот на магазинот Гиар бара од бизнисменот Доналд Трамп, кој тогаш прв пат почнува да појавува какви било претседателски амбиции, да напише како тој го замислува својот мандат и што има да им понуди на Американците.

Текстот на Трамп:

Воодушевен сум од начинот на кој медиумите се справуваат со можноста за кандидатура на Трамп. За многумина е несфатливо некој што не е професионално во политиката да бара мандат за претседател. Дволичните тврдат дека човек кој сака и почитува убави жени (и тоа го прави легално и отворено) не треба да стане лидер на нацијата. Што има лошо во тоа да се почитуваат убави жени? Нели сакаме на јавни функции луѓе кои покажуваат знаци на живот? Јас сум она што сум, и нема што да се извинувам за тоа.

Има многу плачки меѓу коментаторите дека сме станале селебрити култура во која спортистите, филмските ѕвезди и бизнисмените ги гледаат како кандидати за јавни функции. Секако дека тука помага тоа што 97% од луѓето знаат кој сум. Меѓутоа по ова, гласачите бараат достигнувања и квалификации. Моите? Управувам милијарда долари вредна корпорација. Имам создадено илјадници работни места. Постојано пазам на трошоците за да осигурам дека мојата компанија е профитабилна. Можеби е време и Америка така да биде водена.

За разлика од кандидатите од двете партии, јас не сум политички професионалец кој се обидува да излаже во своето резиме. Како многумина од вас, уверен сум дека на Американците им е смачено од постојаниот застој - предизвикан од двете партии во Вашингтон кои се толку спротивставени меѓу себе и хендикепирани од меѓусебните борби што работите на обичниот човек не се завршуваат. Можеби е време на посредник кој може да ги донесе лидерите на Конгресот на маса, да искова консензус, и да создаде компромис. Ова е единствениот начин на кој ќе добиеме вистински реформи на даноците, социјалната безбедност, здравствената заштита, финансирањето на кампањите и социјалната помош. Во најлош случај, Американците сакаат отворено да се збори за овие прашања, а и покрај тоа добиваме многу малку директни одговори од нашето политичко и медиумско раководство. Нашите лидери, во најголем број случаи ги избегнуваат тешките прашања - здравствената заштита, заканата од биотероризам, кризата во образованието, криминалот...

Какво искуство ќе донесам во политиката? На почетокот на 90-те, кога пазарот на недвижнини го достигна дното, бев задолжен околу 9,2 милијарди долари, од кои 900 милиони беа личен долг. Не само што се излегов од тој амбис туку и повторно го изградив својот бизнис во нешто што е неколку пати повредно. Во мојата работа постојано се справувам со политичари и бирократија. Обично го добивам она што го сакам. Јас сум симбол за квалитетна работа. И симбол за завршување работи.

Мораме да носиме тешки одлуки. На пример, постои огромен проблем предизвикан од националниот долг. Би вовел еднократен, 14,25-процентен данок на поединци и трустови со нето вредност над 10 милиони долари. Само ова ќе донесе нови приходи од 5700 милијарди долари, кои ќе го отплатат целиот национален долг. Би заштедиле 200 милијарди долари од плаќање камати, што би ни дозволило да ги намалиме даноците за работничките семејства од средната класа во износ од 100 милијарди долари годишно. Остатокот од оваа заштеда - 100 милијарди долари - ќе го засили фондот за социјална безбедност. До 2030-та, кога се очекува дека овој фонд ќе стигне до дното, ќе можеме да го спасиме и да направиме да биде солвентен во текот на следниот век.

Ни треба слично храбро размислување и за балансирање на трговијата. Речиси секоја држава со која водиме бизнис ја краде Америка. Треба повторно да ги преговараме договорите за фер трговија. Ако претседателот Трамп ги води преговорите, ќе извадам подобар договор за американските работници и нивните семејства, и нашата економија нема да биде така ранлива на глобалните притисоци како што е денес.

Меѓутоа како претседател се надевам дека ќе сработам многу повеќе отколку само да спроведувам мои политики и програми. Моите професионални корени, како оние на гувернерот Вентура, Рос Перот и Колин Пауел, се вон политичкиот естаблишмент. Аутсајдер може да внесе промена во замрачените соби на конвенционалната политика. Тоа е мојата намера. Америка е држава која е преплетена од огромна разноликост на теории, очекувања и соништа. Сите наши најголеми бизнисмени, научници, уметници и авантуристи биле сметани за неконвенционални, ако не и луди во одреден период од нивната кариера. Ние ја изградивме државава врз оригинален начин на размислување. Хенри Дејвид Торо рече "во дивината е спасот на светот." Дивината не се наоѓа само во шумите, реките и дивите животни. За да го спасиш светот ти треба интелектуална и духовна дивина. Ти требаат нови идеи и нови начини за нив да ги направиш реалност.

Америка заслужува власт која е отворена на типот на размислување што ја направи оваа држава голема. Ние треба заедно да работиме за да ја изградиме Америка што ја заслужуваме. Секоја човек од кое и да е гласачко место треба да биде слободен да придонесе со неговиот или нејзиниот глас. Всушност, тие тоа ни го должат на сите нас. Искрен граѓанин-политичар - како мене - може да има огромно влијание. Плачковците од критичари и медиумските измамници се смешни кога го оплакуваат растот на селебрити културата и предупредуваат за падот на традиционалните политички вредности. Тие се на нечиј платен список. Како вистински конзервативец, верувам дека граѓанин-политичар, со поддршка од останатите граѓани, е доволно паметен и надарен за да ја предводи оваа голема држава и да и даде нов дух. Ако работите тргнат како што треба, ќе имам шанса да го покажам ова.

5 мај 2016 - 15:05