Како да се мразиме мирољубиво

Земји како Белгија, Швајцарија, Австрија и Холандија станаа пример на консензуална демократија само откако поделбите во нивните општества за време на кризите во 1950-те не доведоа до распаѓање на државите, туку до договор за делење на моќта преку креативно политичко разбирање.

План Б.

Втора работа што се научи од тој период до денес е дека европските искуства не се така лесно употребливи на Блискиот исток. Односно дека консензуална демократија "најдобро работи кога има повеќе центри на моќ во општеството, од кои ниту еден не е доволно силен за сам да доминира". Шади Хамид во текстот за Атлантик како пример ги наведува Турција и Египет, каде перцепцијата дека исламистите се премногу силни а секуларистите премногу слаби "ја прави поларизацијата значително полошо отколку што инаку би била".

Дополнителна некомпатибилност во ширењето на европските искуства е и во тоа што спротивставените групи на Блискиот Исток, исламисти и не-исламисти, се далеку похомогени отколку спротивставените групи во Белгија на пример, каде Фламанците и Валонците живеат во изразито одделени групи. Проблемот е што хомогеноста речиси секогаш се смета за позитивен фактор во калењето на националниот идентитет.

Хамид објаснува дека политичките системи имаат природни граници до каде можат да помогнат. За сите свои предности и парламентарниот и претседателскиот политички систем, имаат и сериозни недостатоци, кои успеаа да излезат на површина во речиси секоја земја од Блискиот Исток.

Еден од начините да се справи со овие поделби и недостатоците од влијанието на мнозинството е вградување на "либерални ветоа" во политичкиот систем, кои нема да дозволат на кое и да е мнозинството да му ги ограничи правата на малцинството.

Од сите до сега испробани начини да се изведе ова, Хамид како најдобар за помирување на две страни го наведува искуството од Јужна Африка по паѓање на Апартхејдот.

Африканскиот национален конгрес на Мандела прво бара да се избере конститутивно собрание кое ќе состави предлог Устав. По притисокот на Националната партија на Де Клерк, која се плаши дека така составениот Устав нема да ја заштити белата популација, во 1993 двете страни договараат список на над-уставни принципи (нешто слично на Повелбата за човековите права во САД). По ова се избира уставотворното собрание, а Мандела и Де Клерк за ова ја добиваат и Нобеловата награда за мир.

"На страна практичноста, јужно-африканскиот модел звучи привлечно. Тука треба да вклучам и една слаба страна. Мене, како демократ, ми се длабоко проблематични не-демократските решенија што го заобиколуваат личниот избор. Демократијата е претставување и изразување на јавната волја, и да го ограничиш или спречиш тоа кај нешто што е базично како Устав претставува проблематичен преседан. Зошто Египќаните, Јорданците или Турците не би имале право да испробаат алтернативен идеолошки проект вон ограничувањата на либералната демократија, без разлика колку не се согласуваме со тоа. Тоа би требало да е нивен избор и ничиј друг. Меѓутоа таа идеја станува спорна ако демократијата воопшто не успее.

Демократскиот пристап кон носење на египетскиот устав заврши со уште поголема поларизација и ги натера либералите да размислуваат околу вон-правно менување на режимот.

Ако сакаме да го приоритизираме преживувањето на демократијата во проблематични околности, тогаш некои работи, барем на краток рок, треба да имаат приоритет пред други. Тоа е неопходното зло," пишува Хамид.

12 јуни 2017 - 11:41