Како би изгледал светот кога сè би било на место

Дури и ако континентите се вратат во својата оригинална позиција (од времето на Пангеа), нам исто ни се фаќа, ниту еден комшија нема да ни се смени и пак нема да имаме море. Ама затоа Србија, Австрија и Унгарија ќе имаат.

Пангеа е оригиналниот супер-континент со чие расцепување пред 200 милиони години се создаваат денешните континенти.

Освен што ќе може секаде во свет да се стигне со автомобил, пешки или со точак, со новиот распоред Грција нема да излегува на море, туку ќе го има големото Медитеранско езеро, а слично ќе завршат и Албанија и Црна Гора. Нам, многу поблизу ќе ни биде Арапскиот свет а многу, многу подалеку ќе биде Западна Европа. Ќар е што сериозно би поевтиниле авионските карти за Бразил и САД.

Мексико и Колумбија ќе бидат еден до друг (веднаш под САД) што никако нема да биде на штета на светското производството на кокаин и марихуана.

Португалија Ирска и Норвешка ќе бидат први соседи на Гренланд, а Австралија, Индија, Мозамбик и Јужна Африка ќе бидат залепени за Антарктик. САД ќе биде сосед со најголемите арапски нации во северна Африка, а од Њу Орлеанс ќе може да се вози директно во Куба. За Русија речиси и ништо нема да се промени во однос на соседството. Јапонија буквално ќе биде на крај на светот.

Меѓу земјите кои најмногу ќе настрадаат е Бразил, кој не само што ќе се залепи за Африка, туку ќе остане и без целиот свој морски брег.

Автор на мапата треба да е извесен Massimo Pietrobon, кој користел дузина мапи од Пангеа за да го состави актуелниот распоред.

 

(во уште поголема резолуција)

1 јуни 2013 - 16:39