Каде одат парите од донации собрани после трагедија?

Во минатогодишниот масакар во геј-клуб во Орландо беа убиени 49 луѓе а 60 беа ранети. По ова, од онлајн донации, две организации собраа речиси 32 милиони долари. А кај се двајца, таму е и поделбата.

Кампањата ја започна организацијата Еднаквост Флорида, на која подоцна и се придружува Националниот центар за жртви на криминал. Двете групи тогаш порачуваат дека сè што ќе се собере треба директно да им се даде на жртвите и нивните семејства, кои треба сами да решат што ќе прават со парите.

Кратко по ова излезе и првото официјално соопштение од нив и во сериозен пресврт од првичните најави во него се порача дека сите пари ќе бидат насочени во непрофитни организации кои го опфаќаат дијапазонот на различните демографии на жртвите во нападот.

Бен Пајнтер во Фаст компани нагласува дека "проблемот е што трошењето пари не секогаш им помага на жртвите". Прво, дел од групите можат да ги дадат парите на непотребни трошоци. Второ, не секој има исти потреби и желби по доживеана траума.

Откако и самите организатори го сфаќаат ова, за неколку дена тие ја повлекуваат одлуката, и се враќаат на првичното решение - парите директно на жртвите.

За ова тие го ангажираат Кенет Фејнберг, човекот кој стана најдоверливиот лик во САД кога е во прашање менаџирање добротворни донации по големи терористички напади или масовни убиства. Претходно тој работи со семејствата и жртвите што настрадаа на 11-ти септември, во Дип вотер хорајзон и бостонскиот маратон. Фејнберг е и во советничкиот борд на Националниот центар.

Она што Фејнберг знае дека мора да се направи е сите пари да се соберат на куп, од сите организации, и што е можно побрзо да се распределат. Како што тој објаснува "ова е сурова правда, ама брзината и ефикасноста се клучни".

Почетна точка во пресметката е дека животот на сите луѓе еднакво вреди, без разлика на неговата возраст, заработувачка, социјален статус и слично. Второ е скалило колку настанот има променето нечиј живот, со тоа што умрените секогаш добиваат најголеми поединечни суми и најголем удел од вкупните пари. За ранетите штета ја проценуваат болниците, и тие според тоа добиваат исплата.

Клучно во овие пресметки е колку пари има за делење. На пример после нападите на бостонскиот маратон собрани се 61 милион долари. Затоа што има само 5 убиени и двајца со двојна ампутација, ним им беа доделени по 2,2 милиони долари. Две години подоцна во напад во Тенеси убиени се 5 лица, затоа што за нив се собрани околу половина милион долари, на секоја од жртвите и следува помалку од 70.000 долари.

Во пресметката за Орландо предвид се земаа и трауматизираните сведоци на настанот. Напаѓачот некое време држеше заложници во ноќниот клуб, кои гледаа како другите крварат.

Крајниот исход е дека парите треба да се поделат меѓу 305 луѓе, кои имале физичко или психичко оштетување. 59% од сите собрани пари одат за 49-те загинати, или 350.000 долари по човек. Дополнителни 36 луѓе добиваат меѓу 60 и 300 илјади долари во зависност од траењето на болничкиот престој, 29 повредени што не се хоспитализирани добиваат по 35.000, а 186 неповредени сведоци добија по 25.000 долари.

Деталниот извештај на трошоци тука

29 јуни 2017 - 11:49