Каде е Трамп прав за Обединетите нации

Кон крајот на 2016-та Трамп во еден свој Твитер проглас порача "Обединетите нации имаат толку голем потенцијал, а моментално се само клуб на луѓе што се собираат, зборуваат и убаво си поминуваат. Тажно." Ова кај добар дел од поборниците на глобалната институција предизвика напад на уште повеќе твитање и пишување едиторијали.

Паниката само порасна во јануари кога во јавноста протече нацрт од нешто што се вика "Ревидирање и намалување на американското финансирање на меѓународните организации". Во документот се бараше 40% намалување на финансиската поддршка на меѓународните организации, вклучително и ОН.

Аргументите на бранителите на ОН беа на чекор од тоа дека следува глобална катастрофа доколку САД ги намали парите за финансирање на организацијата.

"Како и да е, овој став претпоставува дека и суперсилите и ОН се искрено посветени на решавање на светската сиромаштија, владината бруталност и вооружените конфликти.

Реалноста е дека организацијата е во состојба на криза која започна многу пред влегувањето на Трамп на светска сцена. Неговиот твит изразува позиција што ја имаат многумина кои ја поддржуваат целта на ОН за промовирање на меѓународен мир а сепак не успеваат да видат дека таа не го испорачува ветеното," пишува Клер Мекдугал за Блумберг.

За упатените ОН уште пред една деценија не успева да ја испорача ветената агенда, за јавноста дури минатата година почнаа да се забележуваат посериозни пукнатини во функционирањето на организацијата, случаи како ширење колера на Хаити и сексуална злоупотреба во Централно -африканската република. На страна таблоидните случаи, суштинскиот проблем на пример со мисиите во Африка е што тие годишно чинат милијарди долари а притоа "немаат никаква финансиска или институционална транспарентност, и се неуспешни во заштита на жртвите на војната и изградбата на разрушените општества."

"Ја покривав епидемијата (ебола) како новинарка стационирана во Либерија, домот на она што некогаш беше една од најголемите мировни мисии во светот. Споредувањето на маките и сиромаштијата во земјата со привилегиите на персоналот на ОН беше вознемирувачко. Јас бев меѓу странците кои навечер уживаа во еден од најдобрите нови ресторани во Монровија, Ливинг рум, неколку месеци откако беше сопрена епидемијата во регионот.

Надвор градот беше во темница освен сијалиците на пристаништето и седиштето на ОН Ние бевме на кровот на најголемиот хотел во Монровија, облеан во златно светло, јадејќи тајландска храна - со можност и за јапонска - и пиејќи француско вино, додека плаќавме 7 долари за шише вода во земја каде мнозинството луѓе живее со помалку од еден долар на ден. Без разлика дали бевме хуманитарни работници, новинари, членови на локалната елита, мировници, шпиони или рударски магнати, сите учествувавме во безумната декаденција.

Во многу земји, ОН и странските хуманитарни работници се развозуваат наоколу во светкави бели џипови и живеат во удобни станови со месечна кирија на ниво на Лондон или Њујорк. Удобните и безбедни комплекси се важни кога си во кризна ситуација. Меѓутоа во Либерија, странците уживаа голема слобода, ОН и хуманитарците беа сместени во 'Фанровија' добро подмачкана, климатски контролирана зона со базени за пливање и столици за сончање - опкружена со бодликава жица. Зуењето на апаратите е прекинато само кога генераторите треба повторно да се наполнат со гориво.

Надвор, малку Либеријци имаа пристап до електрицитет, а вода за пиење беше само сон. Странците плаќаа месечни кирии кои беа и над 50 пати поголеми од просечната месечна плата од 60 до 150 долари за Либеријци со полно работно време, ретка ситуација сама по себе. Обезбедувањето и послугата во овие комплекси мораа да патуваат од далечната периферија на главниот град, бидејќи тие повеќе не можеа да си дозволат да живеат во градот каде што работат.

Ова беше статус-кво од времето кога мировната мисија пристигна во Либерија во 2003, за да стави крај на граѓанската војна во земјата. Малку се имаше подобрено за повеќе од една деценија. Струјата беше ретко достапна и најскапа во цел свет. Само привилегираните Либеријци имаа пристап до вода за пиење од чешма; остатокот требаа да ја носат од реки, бунари и пумпи.

Оброкот што го јадев со двајца пријатели во хотелот во Монровија чинеше 127 пати повеќе отколку оризот и супата што најголемиот број Либеријци ги купуваат од менза," пишува Мекдугал.

Како што таа објаснува оваа ситуација не е ограничена на Либерија, и важи во речиси секоја поствоена земја каде има мисија на О.Н, како Конго, Хаити и Јужен Судан. Во случајот со Либерија мисијата на ОН има околу 15.000 војници; и троши над 7 милијарди долари во земја од 4 милиони луѓе.

Мисијата треба за неколку месеци да заврши, и комплетната одговорност за безбедноста да биде предадена на владата. Сериозна загриженост околу планот изразува поранешната раководителка на мисијата, Карин Ландгрен, според која и по овој рок економската нееднаквост и култура на неказнивост што доведе до граѓанската војна во земјата, која трае од 1989 до 2003 и одзема 250.000 животи, се нема променето.

"ОН како институција ретко го зема предвид влијанието на нејзините мировни мисии или 'интервенции' врз локалните економии. Ниту пак го мери ефектот на своето присуство или работа. Најголемиот дел од парите што се трошат во мисиите одат кај странски добавувачи, консултанти, и персонал, а само мал дел од ова се прелева кај локалните бизниси... и ова е исто во која било мисија," објаснува Мекдугал.

Таа порачува дека иако ништо од ова не му дава право на Вашингтон заедно со сите свои гревови во и вон организацијата да глуми каква било ароганција во однос на ОН, сепак одлуката на Трамп може да биде "инспирација" за ОН да се врати на својата забаталена причина за постоење, бидејќи сега ќе мора да ја брка својата агенда без да ја има истата сума на донаторски пари од САД. Моментално Вашингтон покрива 22% од регуларниот буџет на ОН, и дополнителни 30% од трошоците на мировните мисии.

29 март 2017 - 16:36