Империјата на недвижнини зад Претседателот на САД

Трамп е најбогатиот претседател на САД во историјата на земјата. Трамп приказната во Америка почнува во 1885 кога Фредерик Трамп (дедото на Доналд) се качува на брод и стига во Њујорк. По 100 и кусур години семеен бизнис базиран на работа со хотели (курварник), згради, казина, градежништво, неплаќање фактури и слично, Трамп вчера даде заклетва како 45-от претседател на САД.

Фредерик Трамп е роден Калштат како четврто дете во семејство кое се занимава со лозарство. Заради проблеми со здравје тој не може да работи во семејниот бизнис и учи за бербер. Откако ништо не му успева во Германија на 16 години се качува на брод, и заминува за Њујорк.

Во Америка се сместува кај далечни роднини, и почнува да работи како бербер по 7 дена неделно. Фредрик успева да собере одредена сума пари и во 1891-ва се сели во Сиетл. Во новиот град се занимава со угостителство и за 600 долари купува ресторан во тогашната "црвена зона". Според одредени сведоштва освен редовното мени, ресторанот нуди и женско друштво. По уште неколку инвестиции во угостителство и недвижнини Фредерик умира во 1918 во епидемијата на шпански грип. Зад себе остава имот и пари во износ од околу 500.000 долари (денешни).

По смртта бизнисот го презема неговата сопруга Елизабет, која продолжува со градење и продавање куќи. Нивниот син Фред Трамп (татко му на Доналд) постојано инсистира да се меша во семејниот бизнис и на 15-годишна возраст почнува да работи во градежништво. Кога полни 18 години (1923), Фред со мајка му ја основаат "Елизабет Трамп и синовите". Истата година тој ја гради и својата прва куќа во Квинс, Њујорк, претворајќи инвестиција од 800 долари во куќа од 7.000 долари.

До 1927, Фред е главен во компанијата и успева да направи сериозен профит во работата. За време на Големата депресија се повлекува од градежништвото и инвестира во сопствени супермаркети. Инспириран од државните субвенции за градење куќи, Фред Трамп во 1934 се враќа во бизнисот со градежништво. До 1964 неговата компанија гради цели станбени комплекси со стотици станови.

Заради проблеми со претходни објекти, Фред се потешко успева да собере инвеститори за неговите проекти. Во 1968 решението за ова доаѓа во форма на тукушто дипломираниот Доналд Трамп. Со цел да се ослободи од лошата репутација, во 1971 Фред го именува својот син Доналд за претседател на компанијата. Во 1974-та како дел од ребрендирањето, Доналд ја преименува својата компанија во "Организацијата Трамп", која во тоа време е конгломерат составен од 60 посебни компании. Од тогаш до вчера Доналд не ја остава контролата врз компанијата.

Иако илјадници километри од тука, во своето работење Трамп се служи со пракса, која досега ја доживувавме како автохтона за нашето поднебје:

"(Во однос на неговото преговарање) На најосновно ниво тоа значи дека тој ја доведува во прашање секоја фактура која ќе му биде испорачана од неговиот претприемач. Не плаќа се додека не биде завршена работата. А и кога ќе плати, безмилосно ја притиска другата страна да прифати помала сума отколку фактурираната. Ако нешто се смени во тек на работа и дојде до повторно преговарање на договорот, Трамп речиси никогаш не се согласува да исплати фер сума, и гледа да стигне до колку може помалку. Кога е посебно незадоволен од претприемачот тој може и воопшто да не плати, заради што најчесто може да заврши на суд."

Целата приказна тука:

21 јануари 2017 - 13:59