Германија до Трамп: Ќе купувавме американски коли да ги биваше

Трамп пред некој ден ја критикуваше Меркел за нејзината позиција кон бегалците и се закани дека ќе воведе 35% царина на увоз на БМВ во САД, затоа што Германците биле нефер и не купувале американски автомобили.

Одговорот за Трамп доаѓа од германскиот заменик канцелар и министер за економија Зигмар Габриел, потсетувајќи го идниот американски претседател дека најголемата фабрика на БМВ се наоѓа во Јужна Каролина. Тој дополни дека какво било заострување на односите бил било штетно за американските производители бидејќи се премногу зависни од транснационалните синџири на снабдување.

"Американската автоиндустрија ја чека лошо будење ако сите делови што ги користи кои не се произведуваат во САД одеднаш дојдат со давачки од дополнителни 35%. Верувам дека ова ќе ја направи американската автоиндустрија послаба, полоша и над се поскапа. Би почекал да видам што има Конгресот да каже околу ова, бидејќи претежно е полн со луѓе кои сакаат спротивни работи од Трамп," изјавил Габриел во интервју за Билд.

Забелешката на Трамп е дека треба да се израмни продажбата на автомобили меѓу Германија и САД, бидејќи "ако прошеташ по 5-та авенија ќе видиш дека секој има Мерцедес паркиран пред врата, а колку Шевролети имаш видено во Германија?"

Запрашан од Билд, што може Трамп да направи за да привлече повеќе германски муштерии да купуваат американски возила, одговорот на Габриел е "да почнат да прават подобри автомобили".

Што се однесува на критиката за неговата шефица и нејзиното справување со бегалците, Габриел потсетува дека бранот бегалци е делумно е последица и на американските војни што се водеа на Блискиот Исток и што го дестабилизираа регионот.

"Има поврзаност меѓу погрешната американска интервенционистичка политика, посебно во Ирачката војна, и бегалската криза, па затоа мојот совет е дека не треба да си кажуваме еден на друг што сме згрешиле а што не, туку да се потрудиме да воспоставиме мир во регионот и да направиме сè што можеме да се осигураме дека луѓето таму можат повторно да најдат дом," порачал Габриел.

16 јануари 2017 - 16:52