Гаокао, најтешкиот приемен на светот

Тинејџерите во Кина го минуваат најубавиот период од животот под огромни стресови, подготвувајќи се за приемен испит за на факултет. Оние кои успешно ќе го положат можат да очекуваат исти такви кариери, па дури и поатрактивни брачни партнери. За оние кои ќе кикснат, тоа обично значи запечатување на социјалната судбина.

Секој почеток на јуни цела Кина е во тензија додека матурантите се подготвуваат за приемните факултетски испити. Гаокао, или буквално „повисок испит“, е национален настан на рамниште на државен празник, но многу понезабавен. За да не се вознемируваат идните студенти, во околината на школите запираат сите градежни зафати, а и сообраќајот се пренасочува. Пред училиштата се паркирани амбулантни возила, за оние кои можеби ќе колабираат од нервоза, а полициски коли патролираат за мир по улиците. Во медиумите се зборува само за ова, а кога ќе излезат резултатите оние на првите места на списоците се славени на национално ниво. Добиената оценка ја одредува судбината - животните можности, потенцијалната заработка - и претставува кулминација на години и години учење, меморирање и постојан стрес.

Додека се во тек испитите родителите чекаат пред училишните порти, а силното обезбедување им дели шишиња вода и евтини лепези, за да ги издржат жештините. Одредени училишта се прогласени за „Национални гаокао испитни центри“, а тестот трае со часови. Кога децата конечно ќе почнат да излегуваат, не се знае кој е поистоштен, дали родителите или тие.

„Гаокао“ е магичен збор кој им се спомнува како мотивација или како предупредување уште во првите одделенија на малите Кинесчиња. Влезот на факултет е особено компетитивна работа во Кина ,бидејќи топ универзитетите можат да примат само еден на 50,000 ученици. стапката на невработеност е околу 16%, па ако некој не влезе на факултет тоа обично значи дека нема да се занимава со канцелариска работа.

Со оглед на големиот влог, мамењето е голем проблем. Камери, радио апарати и слушалки кои пренесуваат прашања и одговори можат да се најдат во се’, од накит, наочари, новчаници, линеари, па до долна облека. На влезот од училниците кадешто се полага обично има детектори за метал, а во нив специјално по овој повод се инсталираат надзорни камери. Регистрирани се и случаи на корупција, кога професионалните испитувачи земале и до 130,000 евра (?!) од родителите за да го поминат текстот во име на нивните деца. Во една од кинеските провинции испитувачите како превенција од измами ставиле и дрон кој минувал над школската зграда и регистрирал радио сигнали. Идентитетот на студентите се утврдува дури и со скенирање на очен ирис. Испитните прашања се чувани од безбедносни служи и следени со Џи-пи-ес, а составувачите на прашања се држат во строга тајност за да избегнат притисоци. Од оваа година за какво и да е мамење казните се и до седум години затвор.

Во Европа и во САД на ова се гледа како на старомодно и непотребно строго тестирање, кое произведува „роботи“ неспособни за критичко мислење. Во Кина пак мислат дека западните училници се полни со студенти кои се качуваат на катедри и кинат учебници, а ла „Друштво на мртвите поети“. Но во последно време дисциплината којашто ја наметнува кинескиот систем почнува да се цени. Минатата година Би-би-си покани пет наставници од Кина за да предаваат според нивни методи на педесет тинејџери од Хемпшир, за да го спореди нивниот успех со останатите ученици кои учеа по „нормална“ програма - и покрај сите културолошки и дисциплински проблеми, класот кој учеше според кинеската програма на крајот испадна подобар. Во Кина пак строгоста се оправдува со големата густина на население во земјата, која е виновна за многу нешта, од сообраќај до селска сиромаштија. Сепак, децата на побогатите се одлучуваат да студираат во странство и да го избегнат сиот тој стрес.

Традицијата еден единствен испит да ја одредува судбината на младите е од древна Кина - царските испити или кеџу, преку кои се тестирале оние кои би влегле во владина служба, биле воведени за време на династијата Хан (од 206 пне-220 наша ера) и биле единствен критериум за избор од седмиот век па до укинувањето во 1905. Идните бирократи морале да минат низ тридневен испит заклучени во ќелија, во која и јаделе и спиеле. Најважниот дел од испитот бил „есејот со осум нозе“, текст во осум дела кој требало да елаборира одредена тема, поткрепен со цитати од класици. Стапката на поминати била само 1%, а имало дури и дух-божество поврзано со ваквите испити: Ѕонг Куи, учен кој се убил кога не му било доделено првото место на списокот положени.

Гаокао пак е воспоставен во 1952 под новата комунистичка власт, но бил суспендиран во текот на културната револуција, кога повеќето универзитети биле затворени, а местата на факултетите биле доделувани согласно политичката припадност. Во 1977, по смртта на Мао, гаокао повторно бил воведен во сегашната форма. На првиот ваков испит во модерно време се пријавиле 5,7 милиони луѓе, натпреварувајќи се за само 220,000 места.

„Високиот испит“ всушност се состои од четири испита: кинески, англиски, математика и некоја од природните или општествените науки (по избор). Испитот по математика е на ниво на она што се учи на британски универзитети. Но сепак како најтежок се смета испитот по кинески, на кој за половина час треба да се напишат два текста на необични теми. Некои од оние во 2015 биле: „Дали крилјата на пеперутките имаат бои?“, „Кому му се восхитуваш најмногу?“ или „Мистериозни обележувачи за книги“. Не залудно гаокао понекогаш се опишува како думакуао, што значи „мост од едно дебло“ - тежок пат по кој треба да се мине.

8 ноември 2016 - 11:40