Фирмата што го кити Њујорк за Божиќ

Во периодот од Денот на Благодарноста до Нова Година, Њујорк ќе го посетат 5,2 милиони туристи, кои во овој период ќе потрошат 3,7 милијарди долари. Додека се таму, тие на улица треба да се чувствуваат најбожиќно што може. Овој дел го покриваат луѓето од Американ Крисмас.

Компанијата има 50 вработени кои се на полно работно време, низ цела година. Од нив 20 работат на создавање и репарирање украси. На почетокот од сезоната, а им почнува во јуни, компанијата вработува уште 125 лица.

Иако главното шоу е околу празниците, летото е подеднакво важен период за компанијата, која тогаш седнува со клиентите и ги изработува плановите за китење за следната сезона. За поголемите објекти, планирањето почнува речиси една година однапред.

Сезоната на местење на комерцијалните инсталации започнува некаде во август, кога тие почнуваат да ги китат Божиќните дрва со светилки (најголемиот дел од клиентите само чекаат до Денот на Благодарноста да ги запалат сијаличките). По нивно сведоштво, најспор дел од годината е периодот од 2 седмици пред Божиќ.

Почнувајќи од 26-ти декември, тие се зафаќаат со раскитување на сите инсталации. Процедурата трае 2 недели.

Основач на компанијата е Марвин Швам, таткото на сегашниот сопственик, кој во 1968-ма почнува бизнис со декорации со вештачко цвеќе и растенија за бизнис клиенти. Тие со тек на време почнуваат да му бараат тој да им го изведе и божиќното украсување, од каде излегува и компанијата Американ Крисмас. И покрај тоа што главниот бизнис им е Божиќ, сопствениците и основачите се со еврејско потекло.

Со тек на време тие почнуваат да прават и аниматронски кукли, за излозите за големите стоковни куќи. Во 1988-ма поголема компанија го купува целиот бизнис, меѓутоа тие се заинтересирани само за роботските кукли, па бизнисот со китење им го враќаат (препорадаваат) на старите сопственици.

Ново стариот бизнис го презема Фред, синот на Марвин, кој со ова почнува веднаш по излегување од колеџ. Од денешните речиси 200 вработени (во најголемата гужва пред и по празниците), Фред во својата прва година има само еден вработен. По неколку години туркање и преживување (на сметка на кредити), првиот голем успех компанијата го има во 1997-ма кога го добива договорот за украсување на Рокфелер Центар и Радио Сити Мјузик Хол.

24 ноември 2015 - 14:02