Доналд Трамп и неговата армија "стелтови"

"Признајте, ќутенката ќе си го гласате Трамп?" Вака гласи насловното прашање на еден американски психолог која говори за скриениот адут на Доналд Трамп: армијата луѓе која иако јавно не го подржуваат, најверојатно ќе гласаат за него. Тоа се истите оние кои кај нас некогаш не го гледаа Вучиќ а денес не гледаат турски серии.

Во ситуација кога не толку блиски соговорници одеднаш дискусијата ќе ја свртат на некоја контроверзна политичка тема (а имаат спротивно мислење), повеќето луѓе попрво ќе ги премолчат разликите отколку да влезат во отворен конфликт кој ќе ја подигне температурата на муабетот. Така барем велат истражувања на социјални однесувања на Запад. Зад ваквите помирувачки тактики најчесто стои желбата за општествена пожелност.

Во тоа е главниот скриен капитал на Доналд Трамп. Иако Хилари моментално има фино водство, познавачите на човечките однесувања велат дека е прерано сега да се прогласи победникот на ноемвриските избори.

Трамп е контроверзен уздуж и попреку и има ставови кои тешко се бранат пред други. Но тоа што не е лесно јавно да се сака, не значи дека не може тајно да се навива за него. Тој вакви маскирани односно стелт фанови имаше и на почетоците на изборната кампања, кога покажуваше далеку подобри резултати во онлајн гласањата (каде што луѓето ја користат лагодноста на анонимноста) отколку во телефонските анкети.  

Мотивирани да ја задржат социјалната пожелност односно желбата да го избегнат социјалниот притисок, многумина поддржувачи на Трамп во моментов се 'in the closet' (термин кој до неодамна се користеше главно за хомосексуалци кои не ја откриваа својата ориентација).

Но, еден ден и тие ќе дојдат во кабината за гласање, ќе бидат сами во неа и слободно ќе го пуштат својот глас.

Многумина веруваат дека истиот модел постои и во оваа фаза на кампањата. Некои ќе гласаат не за личноста на Трамп туку за неговите политики, без разлика дали се тоа даноците, абортусот или националната безбедност. Трамп е бахат и незграпен но очигледно е дека некаде ги гаѓа и некаде ги погодува луѓето, за што зборуваат неговите досегашни резултати. А од друга страна постојат и оние кои немаат ништо лично против Хилари ама некако им се чини прерано да видат жена во Белата куќа.

Инакку, темата за скриените гласачи е добро документирана област за која постојат многу истражувања, дури и за детали од типот дали таквите ги има повеќе во стерилни или пак во живи и кавгаџиски маала. Во изворниот текст на психологот Венди Л. Патрик има 15-тина референци на оваа тема.