Близнаците што владееа со Лондон

Родени се 1933-та, цели две децении доминираат со британските таблоиди, речиси исто време колку што владеат и со лондонското подземје. Том Харди ги глуми двајцата во Легенда, имаат Монти Пајтон инкарнација под името Браќата Пирана, Морисеј во една песна прашува "Reggie Kray, do you know my name?" и "Ronnie Kray, do you know my face?", а за двајцата има доволно документарци и филмови да можат да имаат сопствен фестивал.

Рони и Реџи Креј, се родени во Хокстон, Мидлсекс, од родители со еврејско, ирско и ромско потекло, а по сведочењето на нивните семејни пријатели, тие се "расипани уште од раѓање". На 9-годишна возраст години ја имаат првата голема тепачка - еден со друг. Во тепачката Реџи за малку умира откако Рони му ја расцепува главата. Уште како основци тие се запишуваат на бокс.

Во 1952-ра одат на регрутација за војска. Откако сфаќаат дека ќе треба да примаат наредби, ја напуштаат станицата за регрутирање. При излегување, Рони се спречкува со надлежниот десетар и му ја крши вилицата со бокс. Утре дента, по нив доаѓа воена полиција, која со помош на дрвени палки ги прибира браќата и и' ги предава на армијата. Тука имаат неколку бегства, тепачки со надредени и слично.

По завршувањето на кариерата во Армијата тие започнуваат да градат репутација со рекетирање, киднапирање и вооружени грабежи. Од ова браќата собираат доволно пари за да го купат својот прв ноќен клуб, по што започнува изградбата на нивната империја. Тие го вложуваат целиот свој талент за насилство во ширењето на бизнисот и репутацијата. Со тек на време, тие речиси и да немаат проблеми со наплата на долговите, бидејќи сите кои им должат пари одлучуваат дека е најпаметно да платат.

Од сите секс афери што можат да излезат за двајцата, главната е врската меѓу Рони и конзервативецот Роби Бутби. Реџи отворено признава дека е геј, а Рони не се смета себе си за геј, туку за бисексуалец.

И покрај славата, моќта и репутацијата, двајцата не се изразито квалитетни гангстери. Тие се уапсени во 1968-ма по обвиненија од неколку неуспешни убиства. Меѓутоа, апсењето охрабрува неколку сведоци на убиства кои не биле неуспешни да излезат и да сведочат.

Рон и Реџи се осудени на доживотен затвор и стануваат најславните британски затвореници. Даваат интервјуа, пишуваат книги и статии, а во еден случај и заработуваат пари (наводно 225 илјади долари) како советници на снимањето на филмот за нив од 1990-та, The Krays.

Рони умира во 1995-та на 61-годишна возраст, а Реџ го надживува за пет години.

Инаку, овие двајца имаат и трет брат, Чарлс (крстен по татко му Чарлс), кој е шест години постар од нив, и кој има подеднакво насилно портфолио како и тие, само што тој никогаш не е заинтересиран за себепромоција и внимание од јавноста. И Чарлс умира во 2000-та, речиси шест месеци пред Реџи.

 

23 ноември 2015 - 18:34