Та не е саде грбот на Македонија

Битка за тргање на црвената петокрака од Хајнекен

Не дека ваква сплетка не можеше да се очекува. Откако заради разочараност со капитализмот голем број десничарски движења од Источна Европа тргна во уште една пресметка со комунизмот, логото на холандското пиво Хајнекен се наметна како сериозен предизвик во оваа идеолошка забуна: симбол на продорот на капитализмот со петокрака на шишето. Не само тоа, неретко на либералите ова лого им претставуваше клуч во одбраната од нападите од десно.

Така, да се присетиме, пратеникот на Хрватската народна партија (ХНС) од предминатиот состав на парламентот, Игор Колман, му прочита "историска лекција" на тогаш залетаниот претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Томислав Карамарко. Овој вториот некаде најави дека по доаѓањето на власт ќе ги забрани сите тоталитарни симболи, тука вклучувајќи ја и црвената ѕвезда петокрака. Колман во парламентарната расправа околу изјавата на Карамарко наведе еден пресуден елемент: па тогаш морате да тргнете од продажба и едно пиво. Но, ироничниот комфор на либералите заснован на претпоставката за супериорната способност на капитализмот да присвои и неутрализира каква било симболика тешко дека се уште може да го заинтересира дури и Славој Жижек.

Нов закон, стара заблуда

Значи, за сплетката. Унгарија речи да направи чекор подалеку во својата херојска пресметка со тоталитаризмот. Изработен е нов нацрт закон со кој би се забранила употребата на симболи на тоталитарни режими во комерцијални цели. Како што велат од унгарската влада, законот е плод на нивната "морална обврска" кон Унгарците кои страдале под "нацистичкото и комунистичко владеење на теророт". Секако одма се јавија од Хајнекен и порачаа дека нивното лого "во себе не содржи ама баш никакво политичко значење" и дека се работи за симбол на средновековните европски пивари. Тие порачаа дека внимателно ја следат ситуацијата со новиот закон и дека се надеваат дека работата наскоро ќе биде разрешена.

Но, проблемот кој Хајнекен го има во Унгарија е нешто подлабок од обична симболика. Имено, Хајнекен неодамна победи во еден судски спор во Романија. Таму тужеа еден производител на пиво, инаку омилено пиво на тамошното унгарско малцинство, дека неговото име и заштитен знак се премногу слични со нивниот романски бренд. Унгарските власти беа огорчени со пресудата во корист на Хајнекен, ја нарекоа "анти-унгарска" и повикаа на бојкот на производите на Хајнекен.

Со тоа имаме доволно материјал да можеме да ја затвориме целата работа. Хајнекен отсекогаш ја користеше црвената петокрака како лого, освен во периодот на Студената војна кога, политички соодветно, ја пребоија во бело. Со падот на советскиот блок тие ја вратија црвената боја и влегоа на 'ослободените' источни пазари. При ослободувањето преземаат (Карловачко) или по судски пат уништуваат локални компании, а десницата ги "гони" заради комунистички симбол. Малку е да се каже - иронија на историјата.

Билтен

25 март 2017 - 10:45