Авторски права на убиство

Секоја новинска организација што од сега ќе сака да го пушти видеото со убиството на црнецот во Јужна Каролина, ќе треба да плати 10.000 долари. Ценовникот е од агентот на човекот што го сними убиството.

Агенцијата веќе испратила допис до медиумите низ цел свет, во кој бараат да се престане со пуштање на видеото. Клипот сниман на мобилен телефон покажува како полицаецот Мајкл Слагер од Северен Чарлстон, застрелува човек кој бега од него.

Видеото го снима случаен минувач, Феидин Сантана, кој клипот му го предава на семејството на загинатиот. Самиот Сантана е затекнат од соопштението за наплаќање на видеото и за медиумите објаснува само дека бледо се сеќава дека адвокатот му спомнал такво нешто.

Адвокатот објаснува дека фер е и Сантана да почне да добива пари за нешто од кое медиумите извадиле ќар.

Ставот на експертите е дека медиумите имаат право бесплатно да користат содржини со заштитени авторски права по основа на политиката за "фер користење", меѓутоа временската рамка во која важи ова правило одамна е мината.

"Овој материјал повеќе не е новост, и ти сега го користиш за комерцијални потреби," објаснува за Њујорк тајмс потпретседателот на Копирајт Клиренс Центарот, Фредерик Хабер.

 

18 април 2015 - 17:53