За казна, натерај ги Фолксваген да произведуваат електрични автомобили

ЕПА треба да инсистира Фолксваген во рок од пет години да почне да произведува исклучиво само електрични возила за американскиот пазар за да надомести за издувните гасови од милионите автомобили што ги продале, пишува колумнистот на Гардијан Јон Јадигароглу.

Уште од сега се знае дека исходот од целиот скандал со лажирањето на тестовите за издувни гасови ќе резултира со масовно повлекување на автомобили и огромна казна. И двете сами по себе крајно сериозни казни кои ќе му нанесат значителна болка на Фолксваген.

"Ама ниту една од нив нема да постигне трајни резултати, ниту пак значително ќе придонесат кон намалувањето на издувните гасови, што беше целта на регулативата која Фолксваген ја прекрши и ја заташкуваше. Наместо тоа ние имаме шанса да наметнеме казна која ќе има трајно влијание: натерај го Фолксваген да произведува комплетно електрични автомобили," пишува Јадигароглу, објаснувајќи дека двете очекувани казни во најдобар случај нема да бидат ефикасни.

Повлекувањето автомобили ќе има ограничен успех затоа што најголемиот дел од сопствениците не се подготвени да предадат автомобил кој во основа добро работи и ги служи, ама загадува повеќе отколку што пишувало во проспектот. Во најдобар случај и да се приберат сите автомобили, поправката ќе се сведе на зголемување на потрошувачката на гориво (помалку километри, за исто количество гориво). Во најлош случај, Фолксваген ќе ги собере сите автомобили и ќе ги фрли на отпад.

"И двата исхода се штетни за околината," објаснува Јадигароглу.

Што се однесува до паричната казна, се очекува таа да биде некаде околу 10 милијарди долари. Овие пари одат директно во буџетот на САД, па подоцна дел од нив може да завршат во Агенцијата за заштита на околината. Меѓутоа, досегашните искуства покажуваат дека тие најчесто завршуваат во области кои речиси и да немаат никаква поврзаност со темата заради која е наплатена глобата. А и како што може да се види од случајот со Вол Стрит, казните, па дури и големите, често не успеваат да те одвратат од прекршување на законот.

"Еве подобро решение: ЕПА треба да бара од Фолксваген во рок од 5 години за американскиот пазар да почне да произведува исклучиво електрични автомобили. Ова ќе го отстрани загадувањето од милиони автомобили, не само штетните за здравје загадувачи како азот-оксид, туку уште поважно и останатите штетни гасови што и се закануваат на целата планета. Компанијата е на добар пат кон комерцијализирање на електрични возила, и казната од 10 милијарди долари може да биде ставена во подобри цели со тоа што ќе се изгради фабрика за батерии во САД, која би ги снабдувала овие електрични модели, по пат отворајќи и нови работни места. На ова додади обврска за Фолксваген да почне покрај американските автопати да инсталира станици за полнење струја, и сме го промениле транспортниот пејзаж на земјава на подобро," предлага Јадигароглу.

Како основа за своето тврдење и изводливоста на проектот, Јадигароглу ја наведува Тесла, компанија која за помалку од 10 години од старт-ап стана производител на највисоко рангираниот авотмобил, и моментално гради гига-фабрика за батерии, "сето ова за вкупен трошок од 3 милијарди долари, а замисли 10 милијарди долари што ќе направат."

"Време е да се направи многу поголема промена. Фолксваген треба да го искористи своето знаење и капитал за да стави крај на издувните гасови од нивните возила. Ова ќе биде соодветна казна - и шанса да се направи трајно општествено и еколошко добро," завршува Јадигароглу.

3 октомври 2015 - 17:07