Доминик Моиси

Враќањето на балканското прашање

"Мора да се европеизира Балканот, за да се избегне балканизација на Европа." Овие зборови ги напишав заедно со францускиот политиколог Жак Рупник во 1991-ва, во моментите кога започнуваше војната меѓу земјите наследнички на Југославија. Борбите ќе траат до крајот на деценијата, ќе однесат илјадници животи, и два пати ќе има потреба од интервенција на НАТО (во Босна 1995-та, и Србија 1999-та).

Речиси четврт век подоцна, Балканот продолжува да претставува закана за европскиот мир, исто како што беше и во предвечерјето на Првата светска војна и крајот на Студената војна, кога имплозијата на Југославија доведе не само до првата војна во Европа од 1945-та, туку го врати и геноцидот. Неодамнешните борби во Македонија, кои оставија 8 мртви полицајци и 14 мртви албански милитанти, го крева спектарот на обновено насилство. Тешко е да се знае дали крвопролевањето претставува гноење на стара, неизлечена рана или некоја нова реакција против мнозински словенската влада која изгледа наклонета кон прифаќање на етнички шовинизам.

Она што е јасно е дека регионот останува експлозивна и збунувачка реалност, способна да ја загрози стабилноста на Европа, која веќе е на острица по руската авантура во Украина. Регионот е експлозивен микс на растечки национализам, длабока економска фрустрација и разочараност околу прогресот кон членство во Европската Унија. Потенцијалот за нурнување во хаос не' задолжува нас уште една да размислиме како е најдобро да се ракува со балканската кутија за потпалување.

Кога неодамна бев во Белград, пукањето во Македонија беше главниот разговор. Дел од моите српски соговорници го осудуваа слепилото на Западот. Посебно, тие го критикуваа ЕУ, НАТО и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, за тоа што растот на насилството го опишуваат како серија на 'изолирани инциденти.' Од српска перспектива, нападите на албанските националисти е многу поверојатно дека се обид за зголемување на територија на трошок на нивните христијански соседи, почнувајќи со најслабиот.

Ставови како овој, проследени со насилство, го зголемуваат ризикот од длабока одбивност во рамките на ЕУ околу потенцијалот за нови проширувања. Преседанот со Грција, која ни од далеку не е некој пример за пристапување кон ЕУ, изгледа посебно релевантен кога би се аплицирал на северните соседи, кои имаат слични проблеми со висока стапка на корупција и невработеност. А некои во ЕУ се оладени од идејата (за проширување н.з.) заради привидниот афинитет на православната црква и нејзините следбеници кон Владимир Путин, или од големата муслиманска популација во регионот.

Овие европски грижи делумно го рефлектираат неуспехот на лидерите на континентот да капитализираа на некогаш спектакуларните успеси на проширувањето, од кои Полска е најзабележливиот пример. Наместо тоа, нуждата од терање домашна политика натера многу европски лидери да ги истакнат тешкотиите и да ги акцентираат неуспесите од проширувањето.

Со така студен ветар кој доаѓа од Западот, не е ни чудо што во места како Белград еурофилијата почна да отстапува простор на носталгијата кон југословенската ера. "Во тоа време бевме почитувани," ми кажува еден сега пензиониран српски дипломат. "Ние бевме една од Големите земји на неврзаното движење."

Слични чувства се забележуваат во Босна, па дури и во Хрватска, член на ЕУ од 2013-та. За време на комунистичката ера, Југославија претставуваше остар контраст на советскиот блок. Економски и социјално, нејзините жители живееа далеку подобро отколку оние во Централна Европа. Денес, среќата се сврте. Полска доживува бум, додека земјите наследнички на Југославија (со исклучок на Словенија) се измачуваат, како жртви на незалечените рани на далечното и блиско минато - вклучувајќи го циничниот атавизам на поранешниот југословенски и српски претседател Слободан Милошевиќ во освојување и задржување на власта.

Одамна ЕУ не изгледала толку далечна, толку одвоена. Одлуката на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер да ја укине позицијата на Комесар за проширување се смета за многу симболична, оставајќи многумина во потрага по алтернативен момент. Руското ре-освојување на Крим дава оптимизам во муабетите на српските ултра-националисти кои се уште ја жалат загубата на Косово. Во меѓувреме, канцеларијата на Газпром во центарот на Белград нуди голем и видлив доказ за присуството на руската енергија во земјата.

Вистината, секако, е дека нема "руски модел" за Балканот, освен користење на чиста сила. Поблиските врски со Европа остануваат најдобриот пат за напредување на жителите на регионот и на ЕУ. Во време на неколку економски кризи, европските идеали остануваат, и покрај се', единствениот ефикасен противотров на злокобниот национализам. За Балканот, како и за остатокот од Европа, ЕУ е единствената алтернатива на иднина лоша како и најлошото од минатото.

Доминик Моиси

27 мај 2015 - 13:43