Турција, неуспешен пуч и верба во демократијата

Пред многу години си реков на себе: "Ако има уште еден пуч во земјава, ќе се откажам од новинарство..." Мината вечер ме потсети на ова ветување, пишува во својата колумна поранешниот главен уредник на Хуриет, Ертурул Узкук.

Мојата совест, мојот осет, моето образование... мојата верба во демократијата... сите ми кажуваат иста работа. Уште еднаш сфатив дека демократијата е единствен начин на кој можам да живеам: во систем во кој партиите и лидерите се избрани на нивната работа и потоа си заминуваат по изборите.

Ова е единствената работа што со сигурност ја знам.

Во петокот вечерта научивме некои добри лекции: ниту една приватна телевизија не дозволи оваа иницијатива да го попречи емитувањето на нивната програма. Дури и оние кои беа гневни на претседателот излегоа на улица за да покажат дека не го поддржуваат обидот за пуч. Никој не му даде поддршка на овој обид: ниту воените лидери, ниту опозициските партии, а луѓето ги видовме како ги блокираат тенковите. Ова значи дека во нашата земја, нашите луѓе, без разлика дали гласаат за владејачката партија или за друга партија, сите наши граѓани се решени да ја заштитат својата демократија.

Уште еднаш, ние потсетивме колку треба да ја вреднуваме и почитуваме нашата демократија.

Пучистите ја вратија државата назад со децении. 36 години се обидуваме да се ослободиме од минатите пучеви. Организиравме избори - така нашите лидери доаѓаа на власт; и така и губеа.

Дали видовте тие што го водеа пучот што направија од земјава? Држава од трет свет каде пучевите се нормална работа. Оваа нација никогаш нема да ви прости...

Колку бевме потресени кога ја видовме сликата од Борис Елцин качен на тенк. Таа слика стави крај на обидот за пуч во Русија. И во Турција видовме слични сцени. Луѓето се качуваа на тенковите, и во тој момент пучистите беа поразени.

Дали видовте што се случи со војникот што сте го ставиле во тој тенк? Дали видовте во каква состојба беше тој? Дали виде колку си осамен кога ги немаш луѓето на твоја страна?

Ертурул Узкук
Хуриет

19 јули 2016 - 12:26