Штрбави против заблести

Универзумот на заблестите и штрбавите се судираат само спроти избори. Тогаш заблестиот ќе се потсети колку ги мрзи штрбавите заради фактот дека штрбавите се во големо мнозинство и дека најверојатно, повторно ќе триумфираат. Тогаш штрбавиот се потсетува колку ги мрзи заблестите заради нивната вообразеност и надменост и фактот дека, само затоа што ги имаат сите заби, константно ги гледаат од височина.

Доколку во овој момент, наместо да го пишувам текстов, се преселам на Фејсбук, големи се шансите многу бргу да здогледам фотографии од штрбави луѓе со неугледна надворешност и дискутабилни хигиенски навики како мавтаат со знамиња на митинг, ги дигаат рацете кон небото и својот политички идол, и го ждерат заслужениот ланч пакет.

Фотографиите се од предизборните митинзи кои деновиве се организираат ширум Србија. Не социјалните мрежи не ги поставуваат овие што се на сликите. Веројатно добар дел од нив и не се на социјалните мрежи. И не ги занима сликањето туку дневницата и ланч пакетот.

Легитимно. Ни самиот немам ништо против дневници и ланч пакети. Штрбавите на Фејсбук ги ставаат оние што тие штрбави митингаши им се крунски доказ дека тоа за што навиваат штрбавите е погрешно. Да ги наречеме антиоподите на штрбавите, на пример, заблести.

„Видете само колку е грд и јаден овој штрбав“, вика заблестиот. „Фуј! Па зарем такоов смрдеж да решава за судбината на мојата земја?“

Заблестиот со гадење ги гледа штрбавиот и за лична навреда го смета фактот дека гласот на штрбавиот е подеднакво важен како и неговиот. Не пропорционално помал во однос на бројот на забите, туку тотално егал. Имал заби, немал заби - во интимата на гласачките паравани потполно еднакво се битни (или небитни) и штрбавите и заблестите.

Тоа сознание го доведува заблестиот до лудило. Тој, кој е убеден во својата заблеста супериорност над штрбавиот, тој кој е поубав и попаметен, тој кој го има видено светот, тој кој знае по нешто за уметноста, филозофијата, модата, адвертајзингот, тој кој е свесен за значењето на дезодорансот... исто е важен како и штрбавиот. Каква девалвација на вредностите на забите!

Во нормални околности, а тоа се оние ретки периоди кога не сме во предизборни кампањи, заблестите не размислуваат за штрбавите. Немаат ни многу допирни точки. Универзумот на заблестите и штрбавите се судираат само спроти избори.

Тогаш заблестиот ќе се потсети колку ги мрзи штрбавите заради фактот дека штрбавите се во големо мнозинство и дека најверојатно, повторно ќе триумфираат. Тогаш штрбавиот се потсетува колку ги мрзи заблестите заради нивната вообразеност и надменост и фактот дека, само затоа што ги имаат сите заби, константно ги гледаат од височина.

„Сакаме заби, сакаме заби...“

„Погледнете ги, драги мои штрбави, оние заблестите“, беседи на митинг кандидатот.

Штрбавите: „Уаааааа....“

„Погледнете ги тие нивни блескави редови на умници, катници и секачи. Нивниот здив носи свежина на планински поток, нивната насмевка е широка, нивниот бакнеж нема арома на кариес, вињак, тутун и посебна салама. Како тоа, се прашувате, драги мои штрбави. Е па така што, додека вие напорно работевте и ги губевте забите, тие крадеа и одеа по забари. И тоа по приватни. А знаете ли, почитувани штрбави, колку чини само да влезеш во ординација кај приватен забар? Толку колку што вие со својот чесен труд никогаш не би можеле да си дозволите“.

Штрбавите: „Лопови, лопови...“

„Тие ви се подсмеваат, зборуваат дека сте грди но ние им порачуваме: пак ќе ве победиме. Џабе ви се забите!“

Штрабвите: „Така еееее....“

„А кога ќе ги победиме, ќе продолжиме со денталните реформи и, ќе видите, не е далеку денот кога сите штрбави ќе можат да си дозволат нови, убави и силни заби“.

Штрбавите: „Сакаме заби, сакаме заби...“

После митингот, штрбавите со автобуси се враќаат во своите домови, со километри оддалечени од градот во кој глумеле спонтано собрани жители. Ќе ги израдуваат своите ближни со веста дека наскоро сите ќе добијат нови заби.

На задното седиште од службениот автомобил.

Кандидатот се враќа дома. Мала неудобност му прави сознанието дека иако е заблест, зависи од масата на штрбавите.

„Зошто заблестите не ми го признаваат очигледниот факт дека ги имам сите заби? Зошто не ме прифаќаат како свој? Како да ги натерам да ме засакаат?“, размислува тој.

А тогаш му паѓа на памет една блесава идеја и тој од срце се насмевнува:

„Ако веќе заблестите не ме прифаќаат, ќе им ги извадам забите, па како штрбави секако ќе ме засакаат“.

Удбоно се навалува на задното седиште на службениот автомобил, ги склопува очите и почнува да фантазира по кој ред на истакнатите заблести ќе им вади заби.

Зоран Кесиќ, Ал Џезеира

20 март 2017 - 09:59