Антонио Гутереш

Помош во свет во криза

Никогаш во 64-годишната историја на УНХЦР, организацијата требала да се справува со толку многу човечка мизерија. На почетокот од 2014, повеќе од 51 милион луѓе беа разместени од нивните домови, раселени од конфликти и прогон. И уште многу други мораа да бегаат изминативе 12 месеци.

Продолжени војни, природни катастрофи, и крахирање на држави го доведоа меѓународниот систем за хуманитарна помош до точка на кршење. За УНХЦР и останатите агенции за хуманитарна помош да се справат со овој нечуен обем на човечко страдање, тие ќе треба да ја прошират основата на нивната поддршка. Без масовно зголемување на учеството на приватниот сектор, и во однос на споделување знаење и во однос на финансирање, ние нема да успееме да им помогнеме на милиони луѓе кои имаат изгубено речиси сè.

Сирија е канаринецот во рудникот. Конфликтот е една од најголемите хуманитарни кризи на нашето време и предзнак за потенцијално многу полоши времиња. Одливот на бегалци во соседните држави стана поголем од што било што претходно имаме сретнато. Во Либан, Сиријците претставуваат повеќе од четвртина од вкупната популација. Таму, како и во Јордан и Турција, локалните жители се соочуваат со финансиска катастрофа како што растат кириите, цените и невработеноста, а платите паѓаат.

Собирањето средства за справување со овие кризи се покажа дека е се поголем проблем. Во средината на декември О.Н. имаше апел за собирање 8,4 милијарди долари, за помош на 18 милиони луѓе во и околу Сирија. Апелот е дел од стратешка промена, во која О.Н. има за цел да ја замени хуманитарната помош со долгорочни програми кои ќе им помогнат на регионалните економии.

Дури и ако апелот е целосно финансиран, парите ќе бидат едвај доволни за да осигуриш дека луѓето ќе преживеат, ќе ги соберат парчињата од својот живот, и ќе почнат со изградба. И сепак судејќи според одѕивот на претходните апели, овој најверојатно ќе остане значително недоволно финансиран. Минатата година апел за помош на сириските бегалци, успеа да собере само 54% од бараната сума. Апелите за ресурси за справување со останатите меѓународни кризи минаа полошо. Според бројките на О.Н. ниту еден апел нема собрано повеќе од 75% од својата цел. Неколку едвај стигнат и до една третина од потребното.

Во меѓувреме системот за азил - уште еден традиционален метод за помош - е под се поголем притисок. Како што расте бројот на кризи низ светот, богатите земји креваат нови бариери за оние кои бараат безбедност. Како резултат на ова, земјите кои се граничат со кризите - кои најчесто и самите едвај преживуваат - се оставени само да се справуваат со се поголем дел од товарот. Денес речиси 90% од бегалците живеат во земјите во развој, пред десет години ова беше 70%.

Како што каналите за легална миграција полека се задушуваат, очајните бегалци се присилени да го стават својот живот во рацете на бескрупулозните шверцери. Бројот на луѓе што патуваат на небезбедни, претоварени бродови преку Медитеранот, Индискиот океан, и Аденскиот залив енормно е зголемен. Само во 2014 загинаа над 4.200 луѓе.

Справувањето со овој предизвик ќе бара коренити промени во сегашниот систем и размислување како ќе им помогнеме на бегалците. Системот за хуманитарна помош беше создаден на претпоставката дека, кога ќе удри несреќа, привремената помош ќе биде доволна за луѓето повторно да добијат контрола на својот живот. Наместо тоа милиони луѓе се најдоа во полу-постојани кризи, кои со минувањето на годините се сè помалку способни да излезат од нив.

Итната хуманитарна помош за бегалците мора да биде придружена со се поголема поддршка за заедниците кои ги вдомиле. Долгорочната помош за развој - која, глобално, изнесува осум пати повеќе од помошта одвоена за хуманитарни интервенции - мора да биде достапна на државите кои се справуваат со голем прилив на бегалци, вклучувајќи и држави со средни примања како Либан или Јордан, кои обично не се сметаат за квалификувани за ваква помош.

Во свет со сè помал јавен буџет и растечко приватно богатство, владите не можат сами да го обезбедат потребното ниво на помош. Како дополнување на финансирањето, има потреба од вклучување на приватниот сектор во обуката, едукацијата, технологијата и логистиката. Каде е можно, мора да се создадат работни места, за бегалците и локалната популација. Обезбедувањето шанса за заработување за живот, на бегалците ќе им помогне во прекинување на штетниот круг на недоволно финансирани хуманитарни апели и ќе помогне во креирање и одржување на вештините потребни за евентуалната реизградба на нивните домови.

Очигледно ја имаме технологијата, ресурсите и знаењето за да направиме голема разлика во животниот стандард низ цел свет, тука вклучувајќи ги и бегалците. И ако една апликација може да се продаде за милијарди долари, мора да можеме да најдеме ресурси за да им помогнеме на оние кои се нашле сред конфликт. Кризата во Сирија го покажа неуспехот на стариот пристап кон хуманитарната помош. И сега е време сериозно да се посветиме на поставување на нов ваков систем.

Антонио Гутереш
22 јануари 2015

7 октомври 2016 - 14:34