Нормална патологија или патолошка нормалност?

Како во политиката влегоа манијакални депресивци, инфантилни нарциси, неизлечиви психопати, малигни психопати и болни егоисти?

Кон крајот на 60-тите години угледните германски политозоли Ервин Шојх и Ханс Дитер Клингеман ја популаризираат тезата за "нормалната патологија" во западните општества. Поимот го врзуваат за појавата на десни радикални партии кои отстапуваат од вредностите на либералните демократии, но сериозно не ги загрозуваат затоа што се маргинални политички појави со минимална поддршка од граѓаните. И самиот термин "нормална патологија" сугерира дека не се работи за опасни политички болештини од кои се умира. Малку патологија може да се поднесе, а на некој начин дури и придонесува за општото здравје на демократијата.

На тој начин ширум за отвораат вратите на психоаналитичките теории кои се обликувани и пред тезата за "нормалната патологија" но сега тие се умножуваат и зачестуваат; во политолошкиот вокабулар влегуваат поими како фобија, фрустрација, хистерија, катарза, невроза, шизофренија... a со зголемувањето на моќта на поединецот (како лидер на партии, влади и држави) и поконкретни психоаналитички категории како што се манијакалните депресивци, егоистите, психопатите, социопатите и сл.

Години подоцна, холандскиот политолог Кас Муде кој важи за извонреден познавач на популизмот, на старата теза за нормалната патологија ѝ ја спротивставува својата, за 'патолошката нормалност'. Ја врзува со истите струи но кои сега не живуркаат на маргините туку продираат во главните текови на политичкиот живот. Тој популизам им е привлечен на масите преку 4 свои особености:

а) нативизам - уверување дека државата ѝ припаѓа исклучиво на една "домородечка" заедница, нацијата, а сите ненативни елементи како што се дојденците или малцинските групи, ја нарушуваат хомогеноста на нацијата и го загрозуваат опстанокот на државата.

б) национализам - уверување дека смислата на секоја нација е воспоставување ексклузивна национална држава по стариот принцип "една нација, една држава" ( а ако е можно и "цела нација во една држава") преку секојдневно потсетување на граѓаните на нивниот национален идентитет преку медиумско евоцирање на историски настани, прослава на секакви јубилеи, ткаење национални митови....

в) авторитарност - послушност и подложност на врвните авторитети во сите облици на општествениот живот, од семејството, преку црквата па до државата.

г) антагонизам меѓу народот и елитата - негување на чувството дека елитите ја украле државата од народот, ја опљачкале и уназадиле па треба "државата да му се врати на народот."

Мирјана Касаповиќ во хрватски Јутарњи проценува дека со последната влада (ХДЗ + Мост), хрватската држава го минала патот од нормална патологија до патолошка нормалност, првенствено заради промоцијата на десните радикали кои Карамарко ги прогласи за стратешки партнери на неговата партија. 

Кај нас? Не сме сигурни кога и како се случи тоа. Кај нас 'авторитетите' си крадат книги.

26 септември 2016 - 13:57