Борис Постников

Вонредната состојба како нормала

Леснотијата со која ја прифаќаме колективизацијата на "кривицата" на економските мигранти е сигурен знак за кршливоста на либералните темели на денешна Европа.

Координираниот париски масакр, сега сосема јасно, ја постигна основната цел: гледаме како спиралата на конфликтот забрзано врти и нè повлекува се подолу. Симболично насочен против хедонистичките ритуали на урбаната средна класа, ИСИЛ-овиот напад на "главниот град на одвратноста и перверзијата" веднаш ја поттикна рефлексната одбрана на "западниот начин на живот." Французинките и Французите ќе продолжат да излегуваат, пијат и пушат, да сакаат и да се забавуваат, беше пркосно порачано на париските улици, бидејќи баш тие мали уживања им претставуваат најголем проблем на терористите. Секако, притоа никој не мисли дека на заканата од смрт може да ѝ се одговори со животен стил. Тоа повеќе е нешто како стилизација на отпорот: правата реакција затоа ќе биде и примерно реакционерна. Објавувањето на војна на ИСИС, во која Франција би можела да ја внесе и целата Унија, е однапред пропаднат обид тероризмот предизвикан од западните интервенции на Блискиот Исток да се спречи со нова западна интервенција на Блискиот Исток.

Обвинувањето на ЦИА против Едвард Сноуден за индиректна помош на напаѓачите ни покажува како мерките за безбедност фаќаат безбеден правец: директорот на агенцијата, Џон Бренан, веќе побара конечно законски да му се дозволи масовно следење на милиони граѓани. И додека Полјаците најавуваат дека повеќе нема да примаат бегалци, американските републиканци предлагаат влезот во земјата да се ограничи само за христијаните, а се помоќната европска радикална десница повикува на решителна фортификација на тврдината Европа, станува сè поизвесно дека прокламираните западни слободи се повеќе нема да постојат без засилен надзор, затворање на границите и посилна регулација на движењето. Настапува, како што коментаторите тоа веќе го забележаа, доба на нормализација на вонредната состојба: ништо чудно што одлуката за забрана во Европската Унија за т.нр економски мигранти, која пред една или две недели силно би одекнала, сега наиде генерално на молчење.

Затоа сликата од несреќните имигранти кои на македонската граница во знак на протест одлучија да си ја зашијат устата, делува како нем одек на тишината, трагичен одраз во огледало од индолентноста на преплашената европска јавност. Бидејќи веста за запирањето на луѓето избегани од земји кои не се директно погодени од војна случајно се поклопи со состојбата на колективен, пост-терористички трауматски шок, изгледа како таа да е неповратно контаминирана со контекст. Од една страна, создаден е површен и погрешен призор дека ова ограничување се вклопува во новата, наводно неизбежна, поригорозна контрола на доселениците, иако всушност е домино-ефект од порестриктивната политика на Германија кон потенцијалните азиланти, која тамошната коалиција ја договори уште на почетокот од ноември. Логиката на дискриминација на економските мигранти притоа е директно спротивна дури и на параноичните фантазмагории на десничарите, кои потенцијалните терористички одмаздници ги препознаваат во дојденците од воените подрачја. Од друга страна, дури некому и да му е јасно дека блокадата на економски предизвиканата миграција нема никаква врска со опасноста од тероризмот, тоа не помага многу: покрај масовниот страв на Европејците и протокот на милиони "прави" бегалци, судбината на оние стотина луѓе кои заглавиле во Словенија или оние запрени пред македонската граница не изгледа нешто посебно важна. Само онаму каде што вонредната состојба станува норма, токму тој, наизглед ситен исклучок е точен приказ на надоаѓачката парадигма.

Во одлуката на протераните да им се забрани влез исклучиво заради нивното државјанство е содржано далекусежно откажување од индивидуалните права: леснотијата со која ја прифаќаме колективизацијата на "вината" на економските мигранти е сигурен знак за кршливоста на либералните темели на денешна Европа. Уште повеќе, претпоставката дека со скалпелот на незаинтересираноста може прецизно да се раздвојат економските од политичките мотиви на нечие бегство, ни покажува дека на Унијата повторно и бегаат главните причини за масовната трагедија на која сведочи. Зар војните и интервенциите кои Западот ги започна на Блискиот Исток не беа главно водени од материјални, строго економски интереси? И не ли, всушност, свеста за повратната спрега меѓу тероризмот и западниот (пост)империјализам сега веќе не стана општо прифатена, дури и во медиумскиот меинстрим? Нејзиното негирање во случајот со економските мигранти значи негирање на сопствениот дел од кривицата, намерно останување слеп на механизмите на производство на судири и премолчување дека, во крајна инстанца, дури и левтерниот животен стил на добро ситуираните париски граѓанки и граѓани материјално се базира на глобалниот експанзионизам на Западот.

Можеби токму затоа, баш тука, во Хрватска - каде одлуката за престанок за прифаќање на економските мигранти ја донесе една техничка влада и ја објави еден технички министер за внатрешни работи – псевдополитиката на денешната Унија помалку неочекувано е доведена до својот логичен крај. За џабе е досегашниот хуман третман на бегалците, за џабе пристапот кој нас не' разликуваше од ксенофобната Полска или орбановата Унгарија: кога ќе почнат да се затвараат европските граници, гледаме, и ние само го спроведуваме она што ни се чини дека е неизбежно. А за такви мерки навистина не е неопходен демократски легитимитет: таму каде што политиката е сведена на технократија, многу брзо ќе научиме, дека баш секоја влада е техничка.

Борис Постинков

5 декември 2015 - 18:20