Милијардерската постава што го презема САД

Веројатно никогаш во историјата на САД немало толку богаташи во една влада, а според бројките од Форбс, Доналд Трамп чие богатство се проценува на 3,7 милијарди долари не е ни најбогатиот член на владата која од јануари 2017 треба да го преземе управувањето со САД.

Министерка за образование би требало да стане Бетси Девос чие семејно богатство се проценува на 5,1 милијарда долари, министер за економија е Вилбур Рос кој доаѓа со имот од 2,9 милијарди долари, а неговиот заменик Тод Рикетс исто така е милијардер. И семејството на следната министерка за транспорт Елејн Чао тежи неколку милијарди долари. Ако Харолд Хам стане нов министер за економија, тогаш во кабинетот на Трамп влегуваат уште 15 милијарди долари. За министер за финансии најверојатно ќе биде избран Стив Мунчин, банкар на Голдман-Сакс, кој со имот од 40 милиони долари изгледа прилично јадно во однос на останатите.

Нема ништо лошо во богатството, посебно не во американскиот политички систем каде дури и трошоците за избор во Сенатот изнесуваат неколку милиони долари. Сепак Трамп има голем проблем со овие именувања: загрозена е неговата веродостојност.

Тој со месеци на своите симпатизери во предизборната кампања им ветуваше дека, ако биде избран, ќе го пресуши леглото на елитите и мочуриштето во Вашингтон. Ваквите политички ветувања му го донесоа мнозинството гласови од белите и помалку имотни гласачи. Со такви ветувања тој беше привлечен дури и за некои демократи бидејќи со тоа беше на заедничка линија со Берни Сандерс - кој самиот се прогласуваше за социјалист.

Меѓутоа токму овие гласачи тешко ќе го разберат изборот на соработници на Трамп. Нели се тоа баш припадници на горниот слој од источниот брег на чие владеење Трамп вети дека ќе стави крај? Затоа и не чуди што посебно демократите сè посилно го напаѓаат Трамп, потсетувајќи на она што тој го вети и дури сега, пред воопшто да ја преземе функцијата, се дерат како тој го прекршил ветувањето.

Трамп и неговите гласноговорници се обидуваат да се одбранат со објаснувањето дека речиси сите кандидати се нови луѓе во политиката и дека така можат подобро да видат што мора да се измени во главниот град. Освен тоа дека тие со нивниот имот се непоткупливи и со него докажале дека знаат како да победуваат.

Но може да има сомнеж, дали таа влада од милијардери и милионери разбира како живее просечниот Американец и што тој сака за животот да му биде полесен. До душа, веќе е најавено намалување на даноците на приход од што корист ќе има просечниот работник, но секако голема корист ќе имаат и богаташите. Ако во следните четири години се наметне политика која ќе го олесни животот на имотните без притоа да им стане подобро на оние со просечни и мали приходи, тогаш уште повеќе ќе порасне бројот на разочараните и лутите со чии чувства Трамп така вешто се поигруваше во предизборната битка. Тоа би била победа на капитализмот врз демократијата.

Оливер Кун

6 декември 2016 - 13:55