Меѓународен монетарен заеб

Тешко е да се докаже добробитта од отворањето на пазарот и воведување на мерки за штедење кога се анализира голем збир на земји. Напротив овие елементи на неолиберализмот доведуваат до изразита нееднаквост, а нееднаквоста и штети на одржливоста на економскиот раст, се порачува во текстот под наслов "Неолиберализам: Преценет?" Тројцата автори на текстот се од ММФ и тоа заменик директор, шеф на дивизија и главен економист.

Авторите, кои почетно беа четворица пред еден да се повлече заради критиките, објаснуваат дека "финансиските текови како портфолио на инвестиции, банкарство а посебно шпекулантски должнички текови ниту го зголемуваат растот, ниту им овозможуваат на државите подобро да ги споделат ризиците со своите трговски партнери."

"Неолиберализмот, според вообичаената дефиниција, е капитализам во неговата најчиста форма. Главни столбови му се приватизација, дерегулација, отворање на домашните пазари кон странската конкуренција, намалување на државата потрошувачка и 'мала држава'. Негови најпознати теоретичари се Хајек и Фридман, и двајцата добитници на Нобелова награда за економија во 1974 и 1976. Меѓутоа во овој период неолиберализмот се уште живуркаше на маргините, а доминантна доктрина во периодот од 40 години по Втората светска војна беше онаа на Кејнс, која се залагаше за државен интервенционизам како средство за ублажување на ефектите од економската криза," пишува Тена Ерцег во текстот за Новости.

Чисто за да ја посочи тежината на критиката на есејот на ММФ, Ерцег објаснува дека прва доминација неолиберализмот има во Чиле каде живурка за време на владеењето на Пиноче, меѓутоа со доаѓањето на власт на Реган во САД и Тачер во Британија, "неолиберализмот се наметнува како преовладувачка економска идеологија, а нејзини главни промотори беа и останаа ММФ и Светската банка."

Тројцата автори уште во првиот пасус од текстот ги редат сите позитивни придонеси и карактеристики на неолиберализмот, за веќе во вториот да напишат "меѓутоа сепак постојат аспекти кои не ги дадоа очекуваните резултати." Под аспекти конкретно мислат на: слободен пазар (отстранување на рестрикциите за движење на капиталот), и мерките за штедење (намалување на фискалниот дефицит и државниот долг).

"Со анализирање на овие конкретни политики, а не на широката неолиберална агенда, авторите доаѓаат до три вознемирувачки заклучоци: дека тешко е да се докаже нивната добробит ако се анализира голем збир на земји резултатот е дека тие доведуваат до изразита нееднаквост, дека зголемувањето на нееднаквоста штети на одржувањето на економскиот раст," пишува Ерцег.

Овие тврдења тие ги поткрепуваат со два графикони. На првиот има 165 епизоди на прилив на странски капитал во 53 нови пазарни економии во периодот од 1980 до 2014, и покажуваат дека во 20% од случаите тоа резултира со финансиска криза. Вториот графикон работи на економската нееднаквост и покажува 224 епизоди на либерализација на движењето на капиталот во 149 држави во периодот од 1970 до 2010, што резултирало со раст на нееднаквоста од 0,9% доколку немало криза, и 2,3% доколку имало криза.

Што се однесува на мерките на штедење, авторите тврдат дека економската теорија не дава одговор на прашањето колкав е оптималниот долг (во ЕУ дефицитот не смее да надминува 3%, а долгот 60% од БДП), и дека не може ист пристап да се применува на сите економии, на пример и на Грција и на Германија.

"По нив, уште е поважно што во ситуација на штедење мора да се зголемат даноците или да се намалат инвестициите, или двете, што потоа доведува до намалување на производството и потрошувачката, како и раст на невработеноста. По епизодите на фискална консолидација, обично следи пад, а не експанзија на продуктивноста, додека просечното штедење од 1% од БДП ја зголемува долгорочната невработеност за 0,6%, а коефициентот на нееднаквост за 1,5% во период од 5 години.

Од тука авторите заклучуваат дека користа од одредени политики кои се важни елементи на неолибералната агенда, се преценети, а нееднаквоста, која ја генерираат отвореноста и штедењето, може да доведе до намалување на растот, токму она што неолибералната агенда настојува да го зголеми," пренесува Ерцег.

26 јули 2016 - 16:52