Кога за Брегзит би се пишувало како за Блискиот исток (читај: Балканот)

Што ако колумнистите пишуваа за Британија на истиот начин на којшто тоа го прават за стандардните светски жаришта? Вековни етнички конфликти, класна нетрпеливост, идни граници, војници на ООН, сè по ред.

Лондон, Британија. јуни 2016

Можете да дознаете сè што сакате во врска со референдумот во Велика Британија за излез од ЕУ доколку зборувате само со двајца луѓе во Лондон: таксист и бизнисмен од „милениумската" генерација. Тие никогаш се немаат сретнато - таксистот не кисне по места по тренди места, а бизнисменот-милениумец користи Убер наместо традиционално лондонско такси - но преку зборување со секој од нив во тек на само 10 минути собрав доволно цитати кои ми овозможуваат информирано да пишувам за оваа дебата која ги покрена страстите на овој мал остров. И убеден сум дека омразите кои лежат во нејзината основа се многу длабоко вкоренети во Велика Британија - случајно меѓусебно мешање на племиња кои живееле во тензија со векови -за таа да остане обединета.

Таксистот, Џон - ќе го викам така затоа што заборавив да го прашам како се вика, а ми изгледаше како Џон - беше „дефраншизиран" (маргинализиран - заб.прев.) кога станува збор за модерната политика. Не го употреби токму овој збор, но почувствував дека тој добро ќе оддекне кај мојата софистицирана космополитска публика. Беше лут за нешто што го нарече „формат на 24 земји" (во Европското првенство), јасен знак за махинациите на европските бирократи и нивната дистанцираност од обичните луѓе.

Џон мрчеше за „Рој кој се зафркава со системот", вообичаен израз на локалниот кокни дијалект кој означува незадоволство од сета злоба на модерната европска политика, особено во контекст на пост-Римскиот договор. Иако лично сум голем фан на ЕУ и на нејзините дострели, изгледа фино ако на патронизирачки начин истакнам  дека навистина разбирам зошто работничката класа не е задоволна од неа.

Но, и секогаш има едно „но" по овие изјави на сочувство со грижите на пониските класи, се наметнува и прашањето: Дали ова е повеќе симптом на неспособноста на политичарите да му објаснат на простиот народ зошто ЕУ е добра за нив?

Всушност, обидот да се разбeрат ставовите во врска со ЕУ референдумот низ призмата на класите води во погрешна насока. Како што ќе ви кажат повеќето коментатори, класната припадност нема никаква врска со неа, всушност класата никогаш не играла важна улога во британската политика или општество. Повеќето луѓе дури не знаат ни на која класа ѝ припаѓаат, а голем број од нив можеби се истовремено членови и на повисоките и на пониските класи, како лордот Алан Шугар, познатиот милионер од работничката класа.

Сепак, флуидноста на класниот идентитет е контрадикторна со острото етничко ривалство во рамките на ова древно кралство. Норманските освојувања на Англија во 11 век оставија длабоки лузни и создадоа поделби помеѓу норманските освојувачи и локалното англо-саксонско население, кои се чувствуваат и денес.

Опстојувањето на легендите како оние за Робин Худ или за Ајванхо, кои го опишуваат домородниот англо-саксонски отпор кон Норманите, го потврдува овој факт. Кога Англо-Саксонците во Британија денес гледаат кон ЕУ, тие не гледаат во модерен политички сојуз туку во заканувачкото лице на норманската окупација. Опстојувањето на ова норманско/англо-саксонско ривалство во модерна Британија се манифестира уште посилно денес, во областа на фудбалот, што е локален спорт кој се игра на тревнати терени. Локалниот шампионат е следен од милиони страсни обожаватели кои религиозно го поддржуваат нивниот тим. Доминиран е од Англо-Саксонски тимови како Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Њукасл; како и од норманските клубови Челси, Тотенхем и, над сè, Арсенал.

Арсенал во текот на годините има добиено многу трофеи, но ништо значајно во последната деценија. Клубот сепак продолжува да биде универзално плукан од англо-саксонските фанови, меѓу другото и заради долгогодишниот француски (модерен збор за нормански) менаџер Арсен Венгер, и големиот број француски играчи кои имаат играно за клубот во текот на годините. Исто така е омразен заради неговиот беден, иритирачки стил на играње фудбал, кој отсликува суштинска норманска форма на нихилизам. Овој стил е во спротивност со помускулниот и интензивен англо-саксонски пристап кон играта кој се противи на каква и да е естетика.

Не е изненадувачки што Венгер е гласен поддржувач на кампањата за останување, и на британското членство во ЕУ, Всушност, голем број лидери на тимот "Остануваме" се со норманско потекло, додека пак повеќето од водачите на "Заминуваме" се Англо-Саксонци. Чесен исклучок е Најџел Фараж, политичар со норманско потекло кој вели дека Норманите и Англо-Саксонците треба да ги тргнат настрана нивните разлики и да се фокусираат на антагонизирање на странците.

Фараж од норманската заедница е осуден за јавно предавство, но тој успеа да наиде на поддршка помеѓу Англо-Саксонците, иако не доволно за да влезе во парламентот. Фараж им се додвори со тоа што јавно пиеше пиво, навика која Норманите кои повеќе сакаат вино и кафе ја исмеваат. Оваа фундаментална линија на поделба внатре британската култура не е земена предвид од коментаторите во референдумската дебата, но претставува значаен симболички конфликт. Сакав да пронајдам уште такви, па одлучив да зборувам со Матео, бизнисменот-милениумец.

Матео води нешто што е познато како „хипстерска кафе-тезга", но е многу повеќе од продавач на кафе. Тој страсно зборува за неговата лична филозофија, која се врти околу прекумерно наплаќање за занаетчиски изработени производи. Тој е дел од новиот сој активисти/бизнисмени во Велика.Британија „кои го редефинираат пејсажот на потрошувачката пост-масовна продукција". Како што можете да претпоставите од латинизираното име, Матео е Норман.

Матео верува дека Британија треба да остане во ЕУ, тврдејќи дека се чувствува повеќе како Европеец отколку како Англичанец. Наведе голем број нешта кои ги има постигнато ЕУ, како давањето право на глас на жените и на малцинствата, воведувањето на саботите (што е негов најпрофитен ден) и укинувањето на ропството. Особено му се допаѓа да патува низ Европа, да зборува со истомисленици за нивната споделена страст за прескапи занаетчиски производи а се плаши дека ќе си ја загуби слободата ако Британија ја напушти ЕУ.

Откако заминав ми беше тажно затоа што световите на Матео и на Џон се толку оддалечени. Трагично е што настани кои се случиле пред илјадници години продолжуваат да ги разделуваат Британците и да влијаат врз врската на земјата со Европа, со кои историски имала бројни добри војни. Кога Британците гласаат најголемиот мотив ќе биде оваа древна етничка шизма помеѓу Норманите и Англо-Саксонците.

Јасно е дека имајќи ги предвид овие непомирливи разлики, кои ни САД не може да им ги реши, единственото решение е поделба на Велика Британија, со едната страна во ЕУ а другата вон неа. Границата помеѓу Заминувија и Останувија ќе минува низ Лондон, кој ќе биде демилитаризирана зона под администрација на ОН, и мировни сили долж границата. Можеби оваа или онаа област ќе биде на погрешната страна. Но тоа е во природата на колонијалните граници.

Карл Шард

24 јуни 2016 - 13:56