Кога успехот (во школото) води кон пораз (во животот)

Притисокот врз децата за постигнување академски успех е вистински криминал против учењето, вели една умна наставничка и прашува: Тоа ли го сакаме, да имаме деца кои дома ни носат петки а во душата мразат да учат и се смртно уплашени од каков било неуспех?

Со години ја познавам оваа мајка што седи пред мене на родителската. Им имам предавано на три нејзини деца и попат се имаме спријателено. Таа е совесен родител и со цела душа ги сака своите деца. Но, ме замисли и малку ме збуни кога ми кажа:

"Оценките на Маријана и се добри но мислам дека веќе не го сака учењето".

А комплетно е во право. Тоа и јас го имам забележано последниов период, кога ѝ предавам три предмети. Па сепак се двоумев меѓу мојата одговорност околу Маријана и помислата дека она што имам да ѝ го кажам на мајка и, на жената нема да ѝ се бендиса.

А вистината - и за оваа мајка и за другите родители - е дека нејзиното дете ја има жртвувано својата природна љубопитност на олтарот на ПОСТИГНУВАЊЕТО. И тоа е НАША грешка. Родителите на Маријана, нејзините наставници и поширокото општеството, сите ние учествувавме во овој криминал против учењето. Од нејзиниот прв училишен ден, ѝ го покажавме олтарот и ја трениравме да го мери своето напредување со поени, резултати, оценки и награди. Ја научивме Маријана дека нејзиниот успех зависи од интелектот а дека нејзиниот интелект е поважен од нејзиниот карактер. Ја научивме да биде горда кога ќе носи петки, пофалници и награди и патем и покажавме дека не ни е многу важно како стигнала до нив. Најважно од сè, ја научивме да се плаши од неуспех. Тој страв ја уништи нејзината љубов кон учењето.

Гледам во оваа загрижена мајка и во себе бирам зборови како нежно да ѝ соопштам дека секојдневната опседнатост со поени и оценки ја имаат засилено зависноста од мајка ѝ нејзините интервенции да бара решение за проблемите на ќерка ѝ. Маријана толку сака да ги задоволи своите родители што нејзината некогашна склоност кон учење е затрупана од желбата за потврда.

Маријана е многу паметно и успешно дете а мајка ѝ секојдневно ја потсетува на тоа. Но Маријана не добива признание за напорот кој го вложила во некој тежок математички проблем или истражување. Ако на крајот на листот добие погрешно математичко решение, или ако заглави во некој истражувачки ќорсокак - таа не успеала, без разлика што научила од таа борба. И бидејќи речиси смртно страхува од неуспех, почнува да презема помалку интелектуални ризици. Знае дека дури и ако тргне по некој храбар и неконвенционален пат, ако на крајот не успее, запишан ќе биде неуспехот.

Тоа ли го сакаме? Деца што ни носат петки ама мразат да учат? Деца кои се академски успешни но се премногу уплашени да зачекорат кон нешто непознато?

Ако и го кажам ова на мајка ѝ, се плашам дека ќе стане лута и дефанзивна иако истите грешки и јас ги правам како родител. Но, можеби е време да разговараме за ова и заедно да им помогнеме на нашите деца повторно да ја откријат својата интелектуална храброст, ентузијазмот за учење и откривање нови работи, и да ја стекнат цврстина која им е потребна за да пораснат во независни и комплетни возрасни луѓе. Со малку среќа, тогаш ќе можат да се свртат кон своето детство и да ни бидат благодарни: не само за нашата љубов кон нив туку и заради нашата подготвеност некогаш да ја ставиме нивната краткорочна среќа пред долгорочните планови за нивен развој и напредок. Тоа значи и да сме спремни нивните денешни денови да им ги направиме макар ронка потешки, за да можат утре полесно да се справат со поголемите тешкотии.

Ќе прекрстам прсти, ќе земам воздух и ќе ѝ ја кажам вистината.

Џесика Лахеј, професорка по англиски јазик

17 август 2015 - 11:14