Јас сум Арап и на многумина од нас ни е мило што Трамп победи

Не е дека имаме некаква друга претстава за Трамп. Трамп е егоистичен расист шовинист кој, во рационален свет, не би требало да има каква било власт. Ама па од друга страна, не би требала ни Хилари Клинтон.

Гледавме од далеку ("далеку" колку што интернетот тоа го дозволува) како се развива претседателската кампања 2016, и, во прво време, сакавме Берни Сандерс да победи, и ни беше мило што видовме колку поддршка тој успеа да собере, ама тогаш Берни направи две многу лоши работи: рече дека е ОК со црната листа на Обама и неговото користење на дронови, и дека тој ќе ја поддржи Клинтон доколку не добие номинација. Некои луѓе останаа со Берни, ама за мнозинството од нас, за мене, толку беше. Берни и понатаму можеше да тврди дека е 'подобар', ама секако не можеше да тврди дека е "добар".

Исто така гледавме како политичкиот естаблишмент го игнорира Берни и ја турка Клинтон пред самопрогласениот "социјалист". Гледавме дури и луѓе како Џон Оливер и целата екипа на Сатурдеј Најт Лајв како остро го напаѓаат Трамп и се обидуваа да го поплочат патот до победата на Клинтон. Оливер дури и самиот одлучи да ги напаѓа и исмева помалите кандидати како Стајн и Џонсон, ама не и Хилари. Гледавме како таканаречените либерали и таканаречените демократи правеа херој од Клинтон. Гледавме како сите тие луѓе се прекршуваа и се преправаа дека Клинтон е една од добрите само затоа што се чувствуваа обврзани да го изберат "помалото од двете зла".

Беше патетично.

Тука има и длабока циничност. Многумина од нас чувствуваа дека ако Америка не може да ја избере најдобрата опција, тогаш ја заслужува најлошата. Исто така, постои силна желба за сирова вистина, наместо за хипокритична накитеност. Во одредена смисла, многумина Американци се Трамп, меѓутоа најголемиот дел од нив сакаат да се сметаат себе си за поблиски кон ликот кој Клинтон (лажно) се претставува дека е: тип што е либерал, демократ, левичар, хуманист. Има некои што искрено се соочија со фактите, и признаа дека, Клинтон е криминалец и манипулатор кој игра со најлошите прекршители на човекови права на планетава (на пример Саудиска Арабија и Израел) и зависи од нивната финансиска и политичка поддршка. Тие сфатија дека кога ветува да ја продолжи работата на Обама, Клинтон всушност ветува со дронови да убие уште 4.000 невини Пакистанци во нелегален обид да се убијат "терористи" кои не биле на суд.  Тие сфатија дека ова е жена која ја смета Меделин Олбрајт за пример, а Кисинџер за икона, жена која започна како републиканка пред да ги смени страните и да почне да се однесува како да е демократ, најверојатно бидејќи сфатила дека, како жена, може подалеку да стигне како демократ. Ова е лажга која тврди дека бегала од снајпер во странска земја во која беше дочекана со цвеќе.

Низ кампањата, симпатизерите на Клинтон намерно замижуваа пред нејзините недостатоци. Некако тие беа повеќе уплашени од тоа што Трамп може да направи, отколку од она што Клинтон веќе го направила.

Па да, би можело да се каже дека не бевме посебно возбудени од можноста Клинтон да победи. Ништо не би променило. Америка ќе продолжи да се доживува себеси како прогресивна демократија која го изгласала првиот црнец претседател, а потоа и жена. Демонот ќе продолжи да носи лик што може да мине, и да остане... претставителен.

Не мислиме дека Трамп е нешто подобар, ама мислиме дека победата на Трамп ќе го присили САД да си признае себе си во што се претворил, и ќе им дозволи на останатите земји низ светот соодветно да реагираат сега кога маските веќе паднаа.

Џон Кенеди имаше одлична маска, меѓутоа зад маската тој беше лажлив прељубник кој го крена ембаргото за оружје против Израел, дозволувајќи му на САД да го снабди со оружје што го користеше против Палестинците. Таканаречената "специјална врска" меѓу САД и Израел започна со Кенеди. Неговата насмевка и шарм, сепак, ги натераа луѓето од арапскиот свет, на него да гледаат со наклонетост. Бил Клинтон беше истиот, целиот шармантен и насмеан додека потпишуваше употреба на сила против Американци на американско тло (во Вако), и ги притискаше Палестинците низ Осло, за подоцна, во сослушувањата околу неговиот импичмент да се прави дека зборот "is" е двосмислен. Бил Клинтон што јас го памтам беше арогантен лажго и убиец, а ни најмалку шармантен човек. Последни во оваа серија наводни добри момци е Обама, гордо црн, меѓутоа поблиску до она што Малком Икс го нарекува "домашен црнец". Обама не ја сопре воената машина, и не го затвори Гвантанамо. Користењето дронови во времето на Обама експоненционално порасна, меѓутоа... тој има прекрасни настапи: плаче кога има пукање во училишта, танцува и рапува за ваше задоволство, изгледа кул и опуштен, одличен татко, и забавен човек.

За десетиците илјадници Пакистанци, Обама не е ништо повеќе од ладнокрвен убиец. За Египќаните тој е само уште еден во долгата низа американски претседатели кои ја поддржуваат воената диктатура, снабдувајќи ја со пари и оружје. За луѓето во Јемен (најсиромашната арапска држава), тој е човекот кој помага во снабдувањето на Саудиска Арабија (неспорно најфашистичката земја на светот) со повеќе од 100 милијарди долари во оружје со кои го уништија Јемен. За милионите луѓе околу светот тој е бомба на која е нацртана насмевка.

И сега, конечно, наместо да страдаме под претпоставката за напредок за време на владеењето на женско претседател, Америка гласаше за Трамп.

Фино.

Тргни го на страна расизмот, тргни ја ароганцијата, тргни ги лагите и бруталностите.

Соочете се, самите видете, и тогаш можеби, можеби, работите ќе се променат...

Омар Камел