Имаш лажговци, и ги имаш Борис Џонсон и Мајкл Гоув

Лидерите на брегзит немаа друг план освен искористување на популистичките стравови и напаѓање на експертите што ги обезвреднуваа нивните позиции, пишува Ник Коен за Гардијан.

Каде беше шампањот во главниот штаб на кампањата за заминување? Солзите од среќа и изливите на радост? Ако им веруваш на Џонсон и на Гоув, гласањето за брегзит беше момент на национално ослободување, ден за кој Најџел Фараж изјави дека нашите благодарни деца ќе го слават како национален празник.

Џонсон и Гоув ги имаат сите причини за да слават. Кампањата за референдумот покажа дека моментално сите аргументи што се важни во Англија се на десната страна. Додека раководството на Лабуристите беше отсутно без оправдание, а Либерал демократите и Зелените се мачеа воопшто да бидат чуени, дебатата се сведе на Дејвид Камерон и Џорџ Озборн, кои го бранеа статус кво, и радикалната десница, која бараше негово уништување. Џонсон и Гоув освоија неверојатна победа со потенцијал да го промени секој аспект на националниот живот, од работнички права до заштита на околината.

Сепак тие гледаа во медиумите со погребен поглед и плачеа над премиерот што тие го уништија. Дејвид Камерон беше "храбар и принципиелен," изјави Џонсон. "Голем премиер," промрмори Гоув. Никој не плаче на погреб, посебно не ако ужалените се среќни што го гледаат крајот на починатиот. Меѓутоа видов нешто зад хипокризијата во нивните замрзнати лица: стравот на новинар кој бил фатен во лага (Џонсон и Гоув се поранешни новинари).

Ако мислевте дека владеењето на професионални политичари е лошо, чекај да видиш што ќе се случи кога работата ќе ја преземат новинари политичари. Џонсон и Гоув се најлошите новинари политичари што можете да ги замислите: коментатори на дневните настани кои јавниот живот го третираат како игра. Еве како играат тие. Го привлекуваат вниманието на медиумите трубејќи некоја голема, драматична изјава. Неуспех на некоја институција? Затворете ја. Грешка на некоја јавна личност? Сменете го. Тие се преместија од новинарството во политиката, меѓутоа продолжија по старо. Кога се соочени со бирократската ЕУ која им испраќа премногу имигранти, нивниот одговор е едноставен, како што мора да биде на секој медиум. Напуштај. По овa сè ќе биде во ред.

Џонсон и Гоув со себе понесоа и уште едно обележје на бескрупулозно новинарство: концептот на практични прашања. Никогаш револуцијата на британската позиција во светот не била промовира со такво невнимание. Кампањата за напуштање нема план. И тоа не е затоа што имаше срамна неискористена поделба меѓу мнозинството гласачи за Брегзит кои сакаа силна социјална држава и стабилни заедници за нивната младина и лидерите на кампањата кои сакаа Британија да стане даночен рај. Кампањата за напуштање не знаеше како да ги реши проблемите со Шкотска, Ирска, бегалскиот камп во Кале, и илјадниците други проблеми, и не ни сакаше да знае.

Нејзиниот одговор за сите кои го предвидуваа хаосот кој сега нè опколува, беше како на бескрупулозен коментатор кој знае дека неговиот живот зависи од замолчување на експерите кои му се противат. Бидејќи, зошто да ставиш коментатор во програма, зошто да му платиш скршена пара, ако експертите можат да покажат дека сè што тој кажува е обична глупост? Најлошите новинари и уредници, знаат дека публиката сака забава, а не експертиза.

Природно, Мајкл Гоув, поранешниот колумнист на Тајмс, на илјадниците економисти кои предупредуваа дека тој презема вонреден ризик им одговори со потсмев кој ќе го прати до крајот на животот: "На луѓето во земјава им е смачено од експерти." Тој со години го кажува истото.

Ако потсмевот не успева, тогаш најлошите новинари лажат. Тајмс го отпушти Џонсон затоа што ги лажеше своите читатели. Мајкл Хауард го отпушти Џонсон затоа што него го лажеше. Кога беше дотеран до ќош, Џонсон ги обвини другите за сопствените пороци, како што тоа секогаш го прават бескрупулозните новинари. Оние кои ќе се сомневаа во него се лажговци во чие сведоштво не може да се верува, беснееше Џонсон, и како што го набеди беспрекорно чесниот претседател на Британската агенција за статистики, тие се "марионети".

Кампањата за напуштање ја следеше тактиката на лигавиот колумнист од прва до последна буква. Прво излегоа со големо и храбро решение: напуштаме. Потоа ги отфрлија сите кои покренаа добро основани проблеми со "на земјата и е смачено од експерти". Потоа, како Џонсон новинарот, лажеа.

Нема да бидам премногу фин околу лагите. Политичарите, вклучително и оние кои се залагаа за останување, лажат, исто како и ние. Меѓутоа уште од времето на Суецката криза судбината на нацијата не била решавана од политичари кои свесно направиле чиста, бесрамна и неповратна лага да биде првото скалило на нивната кампања. Поборниците за напуштање го осигураа електоратот дека ќе ги вратат наводните 350 милиони фунти што Брисел секоја недела ги зема од Британците. Тие знаеа дека ова е лага. Блокот вети дека ќе потроши 111 милијарди фунти на здравствена заштита, ќе го намали ДДВ-то и други даноци, ќе ги зголемат пензиите, ќе го подобрат јавниот превоз и ќе најдат замена за европските субвенции за уметност, наука, земјоделие и сиромашни региони. Кога досадните експерти рекоа дека, не само што нема да се збогатиме, туку се соочуваме со дупка од 40 милијарди фунти во нашите јавни финансии, кампањата за напуштање знаеше како да го возврати ударот. Во манир на Џонсон, тие порачаа дека експертите се корумпирани лажговци што Брисел ги има во својот џеб.

Сега тие победија и она што Киплинг го кажа за демагозите од неговото време важи и за Мајкл Гоув, Борис Џонсон и Најџел Фараж.

I could not dig; I dared not rob:
Therefore I lied to please the mob.
Now all my lies are proved untrue
And I must face the men I slew.
What tale shall serve me here among
Mine angry and defrauded young?

Вистинската поделба во Британија не е меѓу Лондон и северот, Шкотска и Велс или старите и младите, туку меѓу Џонсон, Гоув и Фараж и гласачите што тие ги излажаа. Која приказна сега ќе им послужи? Во четвртокот, тие победија ветувајќи намалување на имиграцијата. Во петокот, Џонсон и идеологот на евроскептицизмот Ден Ханан изјавија дека со сета веројатност бројот на странци кои влегуваат во земјата нема да се намали. Во четвртокот тие ветија економски бум. До петокот, фунтата беше на најниско ниво во последните 30 години а на читателите на Дејли меил кои беа на одмор во странство не им се веруваше што читаа во весниците. Во четвртокот тие ветија дополнителни 350 милиони фунти за системот на здравствена заштита. Во петокот, излезе дека "нема гаранции" за тоа.

Кога би можеле да најдеме барем полу-компетентна опозиција, самите популистички сили што тие ги експлоатираа и ги излажаа, ќе се свртеа против нив. Стравот во нивните очи покажува дека тие го знаат тоа.

Ник Коен
Гардијан

27 јуни 2016 - 11:28