Теофил Панчиќ:

Фрлам систем врз камењата

„Системот те лаже", веројатно без волја на авторите, не е ништо друго туку апотеоза на самиот Систем: општите места со кои Системот се гаѓа не погодуваат никого и ништо затоа што никој и не може да биде потресен со општи места, напротив; тоа е апстрактизација на бунтот. Она против што се апелира е речиси сè, а оној којшто гаѓа сè не погодува ништо.

Па добро, колкумина од нас излегоа на избори? Помалку од четири милиони. Истовремено, спотот "Системот те лаже" на Београдски синдикат, до моментот на пишување на овој текст, има повеќе од пет милиони прегледи на Јутјуб. А се појави речиси пред самата таканаречена предизборна тишина. Не е тоа мала работа, а и не е некое изненадување, умеат тие да погодат чувствително место, владеат со чувството за филинг и тајминг, и занаетски се потковани, рефренот е заразен, дрпнат народњачки мотив одлично вметнат во допаминска смеса на која потконтиненталниот мажјак не може да и одолее, и сето тоа, накратко, спакувано без грешка. Не е ова потфат на дилетанти, напротив.

Е сега, сосема друга приказна е дали сето тоа има некоја „подлабока" смисла. Уште од фамозната Говедина до денес, секогаш е урнебесно како површното (мало)граѓанство постојано наседнува на финти на овие празни експоненти на самообожувачка притеснетост. Идеологијата на БС е токсична мешавина на „бунтовничка", сега веќе и претенциозно „антисистемска" форма, естетика, кореографија, реторика, иконографија, зад која извира многу помрачна суштинка: самото срце на Системот, „како и тој да се викал". Односно, да бидам до крај јасен: не може, ни во глобален, а уште помалку во локален контекст, да се биде повеќе, подлабоко и посеопфатно системски отколку што е тоа Београдски синдикат. Ох, зарем и со овој „антисистемски" спот? Ма, токму со него!

Значи, што имавме тука? Злиот систем, кој не се дефинира јасно, веројатно е капитализмот, кој бљак е тоа (корпорации, банки и останатите ужаси на империјализмот; во спотот тоа се злите Меркелки, Блерови и слични но никако Путин; од локалните, и Вучиќ и Тадиќ, дури и Шешељ, но никако некој близок на црковните и парацрковните формации), но и „комунизмот" е фуј, и тој дебело нè има лажено. Затоа би било најдобро да се застане и против едниот и против другиот, затоа што сите тие се сеништа и ѓаволски искушенија кои му се закануваат на невиното и на чистото српско (срБско?) битие...Во сите тие наративи БС препознава различни отелотворувања на Ѕверот, односно на Системот, што и да е тој. Оттаму, се препорачува бунт против него, и тоа веднаш, но без детали: се вели само „затоа стани веднаш", но неволјата е во тоа што, откако ќе стане, востаникот веројатно некаде и ќе тргне, а не е баш јасно каде.

А можеби е јасно како? Спотот ни сугерира одговор: на една страна се „бунтовниците", кои баш и не изгледаат како мирни „протестанти", туку како урбани фаланги од препознатлив навивачко-десничарски профил; на другата страна се полицајци, чувари на поредокот, пардон, на Системот. На крајот на спотот, полицајците ги симнуваат панцирите, навивачите ги симнуваат фантомките, и сите се бацуваат и се гушкаат, со порака, сите заедно.

Чек, што заедно?

Шегата настрана, се работи за (пара)политичка имагинација форматирана според стандардите, потребите и вкусот на типичниот фудбалски навивач: потребно ни е претполитичко племенско единствно, сите ние сме впрочем „наша крв", треба да се држиме заедно. Сето она што не е опфатено во така сфатеното Ние, тоа е туѓински и отуѓен Систем, а Системот е зло и не треба да му се верува: тој е создаден за да нè лаже. Од системот додуша сакаме долари и евра, автомобили и добра облека, фини пијалоци и сериозни фудбалски клубови. Но, духовноста, пеер, е тоа е веќе нешто друго...Тука не смееме да им се дадеме!

А тие баш на тоа се намерачиле, да ни го затрујат идентитетот! Доста бевме наивни, како тогаш кога демонстриравме против тогашната патриотска власт, несвесни дека работиме по планот на „странските агентури" кои сакаа да ни ја „сјебат земјата". Еј, да тибам, „странски агентури"!? Ова е Илија Чворовиќ или Стане Доланц, кој е овој јазик воопшто, кој век? Па на оваа интерпретација на поновата српска историја ни еден Алекандар Вулин не би и нашол ни најмала замерка! Впрочем, знаеше тој добро зошто млазовите не поливаат баш со студена вода додека се буниме под покровителство на „странските агентури"...

Треба ли заклучок? „Системот те лаже", веројатно без волја на авторите, кои очигледно не можат да ја прескокнат сенката на сопствените предрасуди, ограничувања и незнаење, едноставно не е ништо друго туку апотеоза на самиот Систем: општите места со кои тој се гаѓа не погодуваат никого и ништо затоа што никој и не може да биде потресен со општи места, напротив; тоа е апстрактизација на бунтот на ниво на некаков систем (најдобро-глобален; така безопасната, стерилизаторска апстрактност е доведена до врв). Она против што се апелира е речиси сè, а оној којшто гаѓа сè не погодува ништо, затоа што се расплинува, а она за што се апелира, то ест она што имплицитно и експлицитно се претставува како пожелна алтернативна напросто е ништо; тоа е претполитичко трибално крвно братство, рудиментарна визија на заштитничка топлина во заедништво на исти, каква што одговара на дострелите на дебеловратните билмези од стадионските трибини. Затоа што тоа баш така и се пее, то ест декламира, токму со таа мумлачка навивачка интонација. Рапот се создаде како музика на понижените, на малцинскиот идентитет; ова пак не е ни глас дури ни на оној кој поробува, туку на оние кои систем(ат)ски одбиваат да видат како и зошто се газени, а уште посистематски како и самите стануваат тапо орудие за газење.

Дакрвуд даб еднаш пееја "Фрлам камења на системот": беше тоа во она митско време кога, манипулирани од злите „странски агентури" чекоревме низ Србија барајќи некаква слобода, најпрвин од насилството и од стравот. БС (и) со оваа песна, напротив, фрла Систем врз камењата, но тоа го прави мимикријски вешто, па на многумина им бега поентата на она што го прават. Баш како и на оној лик од нивниот спот, оној што во неделата собра скоро два милиони лајкови на изборниот јутјуб.

Теофил Панчиќ за Време (во платената верзија)

28 април 2016 - 15:42