Европските демократии и стапицата на референдумот

Веќе неколку месеци низ Европа никнуваат референдуми. Во Британија, за напуштање на ЕУ. Во Унгарија, против квотите за бегалци на ЕУ. Во Холандија, за договорот на ЕУ со Украина. Сега во Италија ќе се гласа за измена на Уставот.

Наскоро референдум може да ја зафати и Франција, каде Франсоа Филон - само што избран како претседателски кандидат на централно-десничарските Републиканци за изборите следната година - вети дека спроведе гласање за пет мерки ако победи на изборите.

Како консултацијата со народот да стана новиот лек за оддалеченоста на народот, чудотворно лекарство за демократската криза на болежливите Западни држави.

Ова во теорија звучи како одлична идеја. Што има подобро од тоа на народот да му го вратиш гласот, во време кога тие се чувствуваа значително исклучени од политичките моќи. Вклучувањето на популацијата во јавниот живот може да биде добар начин за повторно поврзување, за обновување на дијалог. Во пракса, сепак, одењето на референдум премногу често доведува до катастрофа. Дури и унгарскиот националистички лидер Виктор Орбан, кој побара од електоратот да ги одбијат бриселските квоти за бегалци, може да сведочи за тоа.

Патот на референдумот е преполн со провалии. Иако може да биде релевантен кога се однесува на стриктно локални или национални прашања, тој е осуден на пропаст кога се однесува на комплексни прашања. Колку гласачи, на пример, можат навистина да ги разберат неброените ситуации кои ги опфаќа еден трговски договор? Секогаш ќе има голем број луѓе спремни да ја одбијат целата работа заради една точка со која не се согласуваат. Договор на ЕУ е резултат на компромис на 28 нации, референдум ја става целата европска заедница пред ризикот да биде блокирана, или да сведочи на попречување на демократијата.

Има и други недостатоци на референдумот: тие го делат населението. Тоа беше очигледно за време на кампањата за брегзит: кога како дополнување на тоа што цела ЕУ ја стави во егзистенцијална криза, таа го напукна единството на британската нација на длабок и траен начин, создавајќи поделба меѓу младите и старите, урбаните и руралните, меѓу победниците и губитниците на глобализацијата.

Во земји без референдумска култура, кампањата несомнено создава отровна околина.

"Дебатата многу брзо станува демагошка. Референдумите ја распламтуваат политичка пасија, а популистичката реторика го спушта нивото на јавното мислење," забележува Тери Шопен од парискиот Центар за меѓународни студии и истражување.

Дебатата неизбежно води до она што истражувачите го нарекуваат "натрупување на спротивностите" како што јавното мислење на двете страни станува се посклоно кон казнување на лидерите.

"Многу повеќе станува збор за предизвикување (на власта) отколку само согласување со нешто. Ретко кога го одговараме прашањето што ни е поставено. Прво ги судиме оние кои го поставиле прашањето, а потоа реагираме во тој контекст," објаснува Шопен.

Матео Ренци ова наскоро ќе го научи на потежок начин. Тој се залета со главата напред, на речиси самоубиствен начин, во плебисцит на неговата уставна реформа. Сите анкети покажуваат дека тој најверојатно ќе биде поразен, дури и ако голем број од гласачите и понатаму се неодлучни. Можеш да се кладиш дека, имајќи го предвид сегашниот контекст, Италијанците повеќе ќе го оценуваат слабиот економски успех на нивниот лидер, отколку предложената реформа. Во време на криза, директната демократија станува вето демократија.

Цитирајќи го Спиноза, филозофот Андре Комт-Спонвил зборува за "тажни страсти" кои управуваат со политиките на референдумот. Дали политичките лидери треба да го следат својот народ кога одлучуваат да напуштат политичка унија, да затворат граници или да воведат смртна казна?

"Суверенитетот им припаѓа на луѓето, да, ама тоа не значи дека луѓето се секогаш во право или дека сите нивни одлуки мора да бидат одобрени. Политичарите имаат задача да ги просветат луѓето, да им покажат перспектива, интелигенција и смиреност, наместо да потпаднат под нивните страсти," објаснува Комт-Спонвил.

Сепак, нема негирање дека луѓето ја изгубија довербата во нивните избрани претставници и заради корупција и заради некомпетентност, додека во исто време нивото на образование на гласачите продолжува да расте.

"Рехабилитацијата на претставниците зависи од нивното исполнување на потребите на луѓето," вели Шопен. До тогаш, изгледа дека луѓето ќе бараат некаква форма на демократија преку референдум.

Catherine Chatignoux

2 декември 2016 - 13:22