ЕУ, Балкан ти ќе бидеш

Добредојдовте во ЕУгославија

Клеменс вон Метерних, авторот на европското државотворство, своевремено славно изјавува дека Балканот започнува по ѕидините на Виена. Сто и кусур години подоцна состојбата на теренот според магазинот Политико е "во денешната ЕУ од 27 членки, изгледа како Балканот е насекаде."

ЕУ до сега стандардно беше поделена меѓу собирачите на пари од Северот, предводени од Германија, и Клуб Мед (од Медитеран) предводен од Франција, чии членки и официјално се собраа деновиве во Атина за да разгледаат мерки за спречување на даночниците од северот.

Неодамна гласот го кренаа и ЕУ членките од Централна Европа собрани во Вишеградската група, обединети околу притисокот од Брисел (Берлин) за примање на повеќе бегалци. Сосема четврта група составена од Австрија, Германија, Грција и земји кандидати од Балканот, викендов се состана во Виена, во поранешните канцеларии на Метерних, за да зборуваат за проблемот со бегалците.

"Постигнувањето консензус во ЕУ од речиси 30 држави никогаш немаше да биде лесно. Во постабилни времиња, поделбите беше само полесно да се игнорираат.

Сепак по последното напукнување, маните на институционалната архитектура на ЕУ само се зголемени заради немање кредибилни лидери. Како побунета армија, земјите членки ги игнорираат обидите на Брисел да наметнат дисциплина во области како бегалска политика.

Директорот на институтот за глобална јавна политика од Берлин, Торстен Бенер, објаснува: 'Ова е симптом на подлабок проблем во ЕУ. Има многу малку области во кои имаш договори прифатени од сите страни. Ова очигледно е опасно за европскиот проект.'

Самите блокови можат да бидат разделени како и самата Унија. Додека земјите од Вишеградската група делат заедничка омраза кон муслиманите, нивните ставови се разидуваат кога е во прашање Русија и регионалната безбедност. Некои групи како претерано промовираниот Вејмарски триаголник меѓу Франција, Германија и Полска, комплетно исчезнуваат како што приоритетите и констелациите во домашната политика се менуваат.

Исто така има и постојано менување на сојузништва, во зависност од тоа кое прашање е на ред. Германија, Италија и Грција може рецитираат од иста црковна книга кога е во прашање бегалската политика, ама кога е во прашање економијата, тие не се ни иста религија.

Ако групи како Вишеград или новоформираната ЕУМед треба да координираат политики и поддршка за заеднички иницијативи во области како економија, безбедност и политика, влијанието врз ЕУ може да биде длабоко. Сепак тие и понатаму се светлосни години од постигнување консензус.

Иако групите кои неодамна се појавија често пати промовираат високи политички цели, нивното главно влијание е сопирање на процесите во неколку клучни области. Наместо свежи решенија, она што излегува најчесто е малку повеќе од блокирање на малцинството и дополнителна стагнација, како што може да се види и од бегалската криза и од европската млака стратегија за оживување на економијата.

Вистинското прашање е каде ќе доведе се поголемото распукување на Унијата.

Брегзит ги поттикна земјите да ги оградуваат своите позиции пред она што е на добар пат да стане важна, ако не и одлучувачка дебата околу иднината на ЕУ.

Опасноста е дека растечкото фракционерство ќе ја задуши дебатата уште пред да почне.

Проблемот беше очигледен минатиот викенд на самиот во Братислава. На Меркел и требаа недели дипломатија за да создаде консензус околу претежно досаден список на иницијативи, како испраќање повеќе граничари во Бугарија. Она што требаше да биде добра шанса се семејна фотографија која ќе ја покаже обединетоста на Европа, и покрај брегзит, на крајот пропадна кога италијанскиот лидер Матео Рензи почна да го критикува исходот.

Она со што Европа мора да се соочи во следните месеци е далеку покомплицирано од прашања околу квоти за бегалците и гранични контроли. Иако периодов малку се зборува за него, главниот проблем и понатаму е еврото.

Благодарејќи на Европската централна банка, евро кризата почна да попушта. Меѓутоа водечките причини, структуралните мани во архитектурата на еврозоната кои доведоа до кризата, и натаму остануваат. Проблемите на италијанскиот банкарски сектор се само последен потсетник за опасностите кои демнат.

Единствениот вистински начин за решавање на проблемот еднаш засекогаш е земјите членки да се откажат од уште повеќе суверенитет, на пример со прифаќање на уште посилен фискален надзор во замена за заедничко справување со долговите.

Балканизирана Европа нема да успее да се справи со овој предизвик," пишува Метју Карничниг во текстот за Политико.

22 септември 2016 - 14:20