Девојки немојте да бидете како Џенифер Лоренс - штетно е за вашето здравје

Немојте да дозволите ќерките да ви израснат како Џенифер Лоренс. Да, убава е, интелигентна, сензибилна, богата и успешна индивидуа која може да прави што сака со својот живот. Ама таа исто така е женско, што е лошо за менталното здравје.

Денес таа треба да се помири со фактот дека еден куп голи и полуголи фотографии од нејзе се појавија на интернет.

Се претпоставува дека вкупно 101 женска славна личност е мета на некој што го хакнал сервисот за зачувување слики на Епл, АјКлауд, и истите ги објавил за пари. За дополнително ниво на морничавост, актерката Мери Елизабет Винстед, изјави дека фотографиите направени со сопругот се избришани уште пред неколку години, што значи дека АјКлаудот чувал копии од нив, а хакерот морал да ги пребарува.

На списокот нема ниту една објавена фотографија од машка ѕвезда.

И покрај фактот што мажите прилично сакаат да си го мавтаат наоколу и од него да им испраќаат фотографии на други луѓе, хакерот чувствувал дека е многу позабавно ова да се направи со жени кои воопшто не би уживале во ова.

Би било нормално Џенифер Лоренс денес да го мине денот липтајќи под ќебе и прашувајќи се себе си што поинаку можела да направи. Ова е нешто што сите ние треба да се запрашаме, бидејќи приватните голи фотографии станаа прилично чести деновиве.

Па како да избегнеме слично сквернавење?

Прво, осигурајте се дека вашите секси слики не го вклучуваат вашето лице. На тој што му ја праќате слика тоа и онака не го интересира, а кога некое ѓубре ќе ги објави овие фотографии на интернет тоа ви дозволува сериозно ниво на негирање.

Второ, не користете туѓ сервер за бекап на вашите голишави фотографии. Кога ќе купиш Епл производ тој речиси те присилува да се зачлениш на Ајклауд, и потребно е сериозно ниво на инает и вештина за да го избегнеш ова. Ама може да биде направено.

По ова, треба едноставно да им кажете на вашите ќерки да не бидат како Џенифер Лоренс.

Кажете им да не бидат убави, затоа што тогаш е неизбежно туѓинците нив да ги замислуваат само како вреќа месо.

Кажете им да не бидат интелигентни. Математика, науки, уметности, социологија - бескорисно е да бидеш паметен ако под тоа се уште си женско.

Кажете им на вашите ќерки дека нема поента да си добитничка на Оскар. Постигнувањето успех во професијата што си ја избрала, и да бидеш признаена за тоа, не помага околу лекување на инвалидитет од твојот пол.

Прашајте ја за ова Рона Феирхед, новата претседателка на Трустот на БиБиСи. Кога маж би бил номиниран за работата, би се зборувало само за неговите квалификации; ама насловите за Рона се концентрирани на нејзиниот пол, бидејќи материцата ги понишува сите постигнувања.

Научете ги вашите ќерки да не се замараат со богатство. Ако тие самите го заработиле тие ќе бидат презирани од оние кои немаат заработено, а ако се фатат со богат маж тие ќе бидат обвинети дека се со него за парите.

Кажете им на ќерките никогаш, никогаш, да не се замараат со секс. Ако немаат доволно секс ќе ги нарекуваат фригидни, ако имаат премногу ќе бидат нарекувани курви, во секој случај ќе се најде некој некаде да им каже колку грешат.

Не заборавајте во вашите ќерки да ја жигосате идејата дека тенденцијата да ве вознемирува нешто лошо значи дека луѓето ќе сакаат да ти направат нешто лошо и на тебе.

Кубење за коса, нарекување имиња, украдени фотографии, силување, сето ова е многу поинтересно ако таа цмиздри.

Осигурајте се дека вашите ќерки никогаш нема да решат да направат нешто што на некој друг нема да му се допадне.

Викендов беше објавено дека Хана Карим, студент по ветерина, е меѓу 28-те кои беа застрелани во глава од Шиитската милиција во бордел во Багдад.

Дузина жени беа убиени криејќи се во тоалетот, некои беа убиени во кревет со клиент, а една беше извлечена од плакарот во кој што се криела. Сите се убиени со куршум во глава, бидејќи убијците немаа време да ги каменуваат до смрт.

Можеби Хана била кај другарка; можеби имала проблеми со пари; можеби едноставно сакала да има секс. На кој му е гајле? Некому не му се допаднала нејзината одлука, што значи дека таа секако треба да умре.

Кажете им на вашите ќерки да не одат на интернет, каде што или ќе бидат преплавени со комплименти или ќе бидат тролани. Кажете им да не стареат бидејќи ќе бидат одминувани, кажете им да не се опиваат затоа што со тоа си го бараат, ама кажете им и да не останат трезни затоа што така воопшто не се забавни.

Кажете им да не бидат спортистки, во спротивно нивните тела ќе бидат судени од мажи. Кажете им да не бидат актерки, балерини или модели, или нивните тела ќе бидат судени од мажи. Кажете им да не одат по улица или нивните тела ќе бидат судени од мажи.

Кажете им да не работат, да не се обидуваат, и да не се надеваат дека ќе запознаваат само мажи кои ги третираат подобро од ова.

Не е важно колку си убава, морална, бистра, пријатна или корисна. Ако си женско, ќе имаш проблем до крајот на животот.

Кажете им на вашите ќерки дека ако навистина сакаат да бидат среќни, ако не сакаат да бидат жртви, да заборават на своите тела.

Наместо тоа, извадете им го мозокот на вашите ќерки, ставете ги во тегла, и неа ставете ја во црна торба во темна соба каде што ќе биде безбедна од силувачи, хакери, шовинисти, тролови, манијаци од јавниот транспорт и омразата од туѓинците.

На овој начин тие можат да го избегнат целото срање со кое Џенифер Лоренс и секоја друга жена на Земјата треба да се справува.

На крајот, би било премногу да се очекува дека грстот мажи одговорни за ова требало подобро да се однесуваат, да бидат уапсени или барем да им е криво.

Извор: Mirror.co.uk

2 септември 2014 - 11:29