Да живеат елитите!

На локални избори во Германија на повеќе места крајната десница ја победува Меркел. Во САД, Трамп е изборот на републиканците. Британија го избра брегзит. Италијанците за градоначалници на Рим и Торино избираат членови на партијата предводена од комичар. Следната година Французите најверојатно ќе ја истуркаат Ле Пен во втор круг на претседателски избори. Сумирано секоја западна сила од Г8 е на чекор од збогување со своите традиционални елити.

Во природата на секоја елита е да има свое толкување за она што се случува, објаснува Гаспар Кунинг во колумната за Лес Еко, па ги реди:

- Тие што веруваат во сеобврзувачката моќ на монетарната политика ја сметаат ваквата ситуација на изборите како последица од одлуките на Европската централна банка кои беа во корист на капиталот за сметка на работниците, и со тоа доведоа до раст на приватното богатство и нееднаквостите.

- За технофилите, дигитализацијата и роботизацијата се одговорни за проблемите на средната класа која верува дека малку по малку ја губи својата причина за постоење, а по пат, и приходите кои доаѓаат со неа.

- Деклинистот галами за сè послабиот образовен систем кој вади полу-писмени луѓе што ловат Покемони меѓу два бесмислени Фејсбук постови.

- На носталгичарите по хомогената национална држава виновни им се штетните ефекти од отвореноста и културната разноликост кои ги нарушуваат нашите фрагилни идентитети.

- Ентузијастите за "глобално село" во меѓувреме страдаат во самотија додека "го гледаат белиот маж (конкретно неквалификуваниот бел маж) како е прегазен од демографската реалност и миграцијата."

- Социолозите се во исчекување да видат дали милениумците ќе и се одмаздат на претходната генерација.

Историјата ќе каже кој од овие бил најпаметен. Меѓутоа во секој случај, елитите со сета своја грациозност изгледаат согласни околу своето претстојно исчезнување. Тие се натажени од фактот дека им го имаат свртено грбот на луѓето и дека сами ги подметнаа своите глави пред егзекуторот. Тие го признаваат својот пораз со мешавина на цинични калкулации и задоцнето чувство на вина, па или го следат бранот на популизам или се повлекуваат во своите кули од слонова коска.

Нивните членови на приемите во Вашингтон, Лондон и Париз се во натпревар на себе казнување. Со чашата шампањ во рака, тие ја напаѓаат владејачката класа. Се извинуваат за тоа што живеат во премногу скапи населби, што на одмор патуваат премногу далеку, што избираат премногу добро училиште за нивните деца, што пијат вино кое е премногу старо, и што уживаат уметност која е премногу апстрактна. За да надоместат за ова, тие испраќаат твитови со многу смајлиња, држат ТЕД говори носејќи обични маички и пишуваат колумни за да ги напаѓаат... па, елитите. Дали ние тајно се надеваме дека новите господари ќе ги поштедат грешниците?

Голема грешка! Сега, повеќе од кога и да е ни треба вистинска елита, која е верна на својата историска мисија, која е комфорна со своите принципи без да паѓа на дневната емоција, која не користи хаштази за да ги сумира своите анализи, која дебатира со јавноста беа 'медиумски тренинг'.

Жан Тирол, Французинот добитник на Нобеловата награда за економија во 2014, кој сите треба повеќе да го читаат, во својата последна книга, Економија на општо добро, се извинува за неговото отсуство од јавната дебата, објаснувајќи дека од Адам Смит не се барало да пишува блогови. А сепак, имајќи го предвид неговото неуморно пишување, сигурен сум дека тој би пишувал...

Статус кво повеќе не може да биде задоволително. Ок тогаш! Меѓутоа дали заборавивме кој им дава компас на револуциите? Просветени аристократи како грофот од Клермон, провинцискиот адвокат како Робеспиер, славни писатели како Виктор Иго. Елито, во бој!

Гаспар Кунинг
Лес Еко

30 септември 2016 - 12:02