Бугарскиот колонијален сон

Кога кон крајот на 1980-те Софискиот универзитет со помош на советскиот научен тим воспостави скромна инсталација на Антарктикот, малку кој можеше да замисли каква улога таа подоцна ќе одигра во идеологијата на бугарскиот национализам. Во невозможноста во пост-социјалистичкиот период да го остварат идеалот за "Голема Бугарија", многумина се задоволија со топонимска колонизација на празниот континент.

Кон средина на декември минатата година, во бугарските медиуми е објавена веста за изградба на споменик на кириличната азбука на Антарктикот. Се работи за заеднички бугарско-монголски проект кој веќе подигна одредена прашина. Многумина се сомневаа во практичноста на подигнување споменици на место на кое нема никој да го види. Но прашањето на "метафизички" споменици, сосема апстрахирани од вообичаениот контекст кој ги поврзува и со тоа без никаква функција освен самореференцијалност, ќе го оставиме сега за друга прилика. Наместо тоа, ќе се занимаваме со двата интересни аспекти на современиот бугарски национализам што овој споменик ги кристализира: бришење на разликите меѓу колонијализмот и иредентизмот, и онаа меѓу службениот државен и пазарен "ревизионистички" национализам.

Има една поговорка во бугарскиот националистички дискурс која ги рационализира територијалните амбиции кон другите држави: "ние го сакаме само она што е наше". Под "наше" притоа се сметаат сите подрачја кои грубо ја опфаќаат "Голема Бугарија" која е планирана (но никогаш не е спроведена) со т.нр. Санстефански мир од 1878 година, по руско-турската војна. Таа за почеток ја вклучува Македонија, некои делови од Србија што Бугарија ги освоила, па потоа и ги изгубила во Првата светска војна, делови од регионите кои на неа и се доделени кога се придружува на силите на Оската во Втората светска војна, итн... Една од референтните точки е и "златното доба" на Цар Симеон Први (893 - 927) - кога "Бугарија" вклучува и делови од денешна Албанија и Романија - кое е подеднакво славено во училишните учебници како и во националистичките супкултурни кругови.

Носталгијата за "изгубените" македонски области повремено неодоливо потсетува на империјалната носталгија по европските колонии. Но постои барем една клучна разлика меѓу бугарските и западноевропските освојувања: дискурсот "она што е наше" ги смета Македонците и северните Грци (посебно т.нр. славофони) (Македонци заб. офф.) "всушност за Бугари" чиј вистински идентитет во меѓувреме е променет со непријателска српска, македонска или грчка пропаганда. И покрај патронизирачкиот став кон луѓето "кои не го знаат својот вистински идентитет", бугарскиот национализам претпоставува барем формална еднаквост во заедничкиот "вистински идентитет". На Запад колонијалните амбиции секогаш вклучувале строги разлики меѓу колонизаторите и колонизираните, односно хиерархија меѓу господарите и робовите, кои подоцна се објаснети (а всушност се конструирани) од псевдонаучните теории за расите.

Свети Климент на Јужниот пол

И покрај овие клучни разлики (кои произлегуваат, меѓу другото, од бугарската потчинета позиција во меѓународниот економски и политички систем), постои една точка која го помирува западноевропскиот колонијализам и источноевропскиот национализам. Она што најмногу изненадува е географскиот простор на кој тоа се остварува - Антарктик. Триесет светски држави има воспоставено и се уште одржуваат свои станици за истражување на најнегостољубивиот континент. Меѓу нив се наоѓаат некои од најмоќните и најбогатите светски сили: САД, Кина, Русија, Јапонија, Германија, Велика Британија, Белгија, Норвешка... но и одредени периферни, како Перу, Романија и Бугарија.

Од земјите на поранешниот "источен блок" само Украина и Чешка воспоставија свои станици по 1989, додека за најголемиот дел своето присуство на овој континент е оставштина од времето на социјализмот. Бугарија спаѓа меѓу подоцните "освојувачи" на Антарктикот, бидејќи станицата е основана во 1988 година. Дури по големи политички и економски промени во 1993 година, тогашниот "прв демократски избран претседател", Жељу Митрев Желев, ја нарече нејзе Свети Климент Охридски, според светецот заштитник на софискиот универзитет. Врската со верската симболика подоцна е потврдена со отворањето на "првата" (и единствена) православна црква на овој континент, во 2015 година.

Во раните 90-ти години основан е и Бугарскиот антарктички институт (БАИ), како заедничка институција на повеќе приватни и јавни актери. Меѓу основачите се и Софискиот универзитет и Бугарската академија на науки, но и нешто што се нарекува "Атлантски институт", невладина организација кој примарно се занимава со лобирање во корист на НАТО. Со посебен декрет издаден во 1998 година, владата го прогласи БАИ за единствен овластен корисник на бугарската инфраструктура на Антарктик. Ова јавно-приватно партнерство во истражувањето на поларните предели всушност го најави ширењето на истиот модел за многу јавни служби во сама Бугарија.

Топонимско оживување на "Голема Бугарија"

Станицата функционира само летно време кога меѓународниот тим научници ја користи да изведува климатски, биолошки или географски истражувања. Дополнително, корисниците на станицата го истражуваат континентот, мапираат до сега немапирани подрачја, откриваат глечери, врвови, карпи, гребени итн. Една од привилегиите за оние кои први ќе забележат некоја географска појава е именување на истата. Затоа не чуди што денес многу места на Антарктикот носат имиња на села и други места од Бугарија, слично како што и многу места во "новиот свет" со тек на вековите ги носеле имињата на оние Европејци кои ги "откриле", нивните градови, кралеви и земји, како Нова Англија или Луизијана итн. На "бугарскиот Антарктик" можеме да најдеме голем број имиња на херои од борбата за национално ослободување, средновековни цареви, стари градови, но и социјалистички туристички одморалишта, како Албена.

Според службените топонимски правила што ги одреди Бугарската комисија за именување на места на Антарктикот (основана во рамките на БАИ, а подоцна преместена во Министерството за надворешни работи), сите нови имиња "мора да се однесуваат на бугарски личности и локалитети". Но добар дел од топонимите денес носат имиња на личности од средниот и 19 век од денешна Република Македонија. Со други зборови, бугарските власти го остваруваат сонот за изгубена "Голема Бугарија," со колонизаторски имиња на Антарктикот.

Други места пак ги носат имињата на митски пагански богови од "стара" Бугарија и Тракија. Моментално има 65 топоними со тракиски и бугарски владетели (т.нр. "протобугари", Бугари во зачеток). Објаснувањето за некои од именувањата (дадени во службениот весник на Комисијата за именување) јасно одразуваат одреден историски ревизионизам. Службената бугарска историографија како година на основање на "првата бугарска држава" ја наведува 681, кога "протобугарите" стигаат на балканскиот полуостров од Азија и ги освојуваат североисточните подрачја на Византиското царство. Но постојат и многу други теории, кои почетокот на "бугарската државност" ја сместуваат некаде меѓу 3000 година пне. и 165 година од нашата ера. Комисијата на пример така го објасни именувањето на еден 'рт: "наречен по легендарниот бугарски владетел, канот Авитохол [...], кој ги постави темелите на бугарската државност во 165 година."

Нова историја и нова географија

Притоа треба да се забележи уште една занимливост. Споменатата Комисија за Авитохол ја користи титулата "кан" која е далеку од онаа прифатената во историографијата. Службената титула за овие средновековни владетели се уште е "хан", а ситната лингвистичка разлика ги сигнализира различните погледи на ова доба. Имено, терминот "кан" почна да се користи дури по 1989 години и тоа пред се во бројните приватни изданија на популарната псевдоисториографија чии автори главно беа пензионирани инженери и историчари-аматери кои застапуваа различни варијанти на езотерични и националистички ревизии на историјата.

Но оваа дистинкција меѓу "ревизионистите" (кои ги карактеризира гневно одбивање на она што го нарекуваат "лаги" на историографијата од социјалистичкиот период) и службените институции, не е толку силна како што може да се претпостави. Петар Добрев, контроверзниот автор кој во своите книги издадени во рамките на најголемата издавачка куќа за "алтернативна историја", Тангра-ТанНакРа, ја популаризираше теоријата за 165 година, истовремено е член и на Бугарската академија на науки. Споменатиот издавач исто така уште во 2002 година доби службено признание од Министерството за образование за "придонес во развојот и популаризацијата на бугарската култура". Со обѕир на раширеноста на "легендарните" имиња преземени од периодот пред 681 година, на Антарктик, се чини дека "алтернативната историја" постигна голем пробој на овој континент и сосема се изедначи со службените историски случувања и личности, како оние од пантеонот на националните ослободители од 19 век.

Така конечно е остварена паралелната санстефанска Бугарија, па макар и на Антарктикот. Националистичкиот стремеж за Бугарија "на три мориња" (што се однесува на "златното доба" на Симеон и чија територија се простира меѓу Црното, Егејското и Јадранското море) сега се претвори во биполарна "Бугарија на две половини". Со комбинација на научни истражувања и ширење на идеите за славната бугарска историја и нејзините "канови" се остварува идеална, ненасилна колонизација. На Антарктик магично се кондензираше бугарско-македонската историја и географија, како онаа службената, така и онаа алтернативната.

Жана Цонева,
Билтен

24 јануари 2017 - 20:57