Миљенко Јерговиќ

А која тоа војна на Балканот сме ја избегнале или одложиле

Овој пат изгледа невозможно да се замисли мир по уште една таква војна. Има само една причина зошто таа војна, сепак, нема да ја има. Тука веќе нема ништо стварно важно. Благословените се неважни.

Војна! Војна! Војна! се слушаат овие зимски денови извици исполнети со некое мрачно воодушевување, страст и детска радост, бидејќи до неодамна се чинеше дека војна уште долго време нема да има, или дека никогаш веќе нема да има, бидејќи полека стануваме дел од онаа пристојна и воздржана Европа, на која не и е до војна во нејзина земја. Војна! Војна! Војна! се слуша онака како што во 1991 не се слушаше. Во тоа време луѓето, сепак, се плашеа од војна, сите, освен оние кои служеа во заедничката армија па се школуваа за војна, како и разбојниците и мафијашите, кои во можното војување видоа можност да се збогатат, и општествено да се остварат.

Во тоа време на луѓето им беше непријатно од она што надоаѓаше, а сега како сите да знаат што е тоа, се сеќаваат како изгледа војната или знаат од јуначките приказни на своите родители и постари браќа, па им се чини дека доаѓа и моментот на нивото полнолетство.  Освен тоа треба да се исправи се она што не се стигна во минатата војна, да се доврши она што тогаш е започнато, и остана недовршено. (Рака на срце, сè остана недовршено. Или скоро сè.) Овој пат се има и сигурни сојузници, големи заштитници, браќа по крв, вера и земја: Ердоган, тој заштитник на исламот и единственото турско право во Босна, Путин, големиот руски цар, словенскиот и христијански покровител, Доналд Трамп, промотерот на традиционални христијански и конзервативни вредности, кој ќе повлече линија меѓу Западот и Истокот.

Војна! Војна! Војна! избива на насловните страни на ултра-десните таблоиди. Но секако, како што тоа бива секој пат, за војна се криви, војната ја имаат почнато оние другите. Од Србија преку Косово се спушта воз во боите на српската тробојница, ишаран на сите јазици со една парола: "Косово е србско!", со таа ситна грешка во едначењето на согласката, изведена во натписот на мајчиниот јазик. Од онаа страна на границата возот го дочекуваат вооружени трупи на војската на косовските Албанци. Од ништо, или скоро од ништо, се раѓа драма меѓу народите, и веќе, велат, сосема е извесно дека ќе се завојува ако возот ја мине границата. Меѓутоа тој не преоѓа. И тогаш во следните неколку дена се збори за тоа како војната е избегната во последните неколку минути. (Што, пак, не делува ни најмалку смирувачки, затоа што која е таа војна во последните стотина години што е избегната на Балканот? Малку која е и - одложена.) Претседателот на Србија вели дека лично тој, ако затреба, заедно со своите синови, и ги има двајца, прв ќе тргне во војна.

Војна! Војна! Војна! се слуша во Босна. Само се уште се збори кој со кого би се здружил. Бошњаците мораат да се свртат кон Србија! се слуша од лево, затоа што Хрватска, заедно со ЕУ, води 'хибридна војна' против Босна и Бошњаците. Од десно мислат малку поинаку. Но ни едните ни другите не знаат каде би во сето тоа со Милорад Додик. Тој, сепак, е гневен и воинствен кон сите. И зборува она што не е чуено уште од раните 90-ти - дека Дубровник не бил Хрватски. Неговите зборови, секако, се шират низ Хрватска како благовестие, како зборовите на Атиф Дудаковиќ, пензионираниот генерал на армијата на Босна и Херцеговина, кој од настапот во Луксембург, ги повикува младите и старите Бошњаци да купуваат шатори, вреќи за спиење и останата воена опрема, бидејќи наскоро ќе им затреба. Па кога утре ќе се завојува, или кога ќе треба да се знае кој предизвикал војна и кој го започнал, да се знае дека тоа бил Атиф Дудаковиќ. Или дека бил Милорад Додик. Или дека бил Томислав Николиќ, или дека бил машиновозачот на оној воз што никогаш не се дотркала до Косовска Митровица... За сега, освен насловните на ултра-десните таблоиди, никој од Хрватите се нема заложено за војна. Причините се едноставни: во Босна и Херцеговина Хрвати за такво нешто нема останато. А во Хрватска? За тоа во следната епизода.

Војна! Војна! Војна! се слушаат балканските одеци од инаугурацијата на новиот американски претседател. Ако тој го укине НАТО - воените лидери одеднаш повеќе од миротворците се надеваат дека ќе го укине - ако благодарејќи на него се распадне Европската Унија, тогаш на Балканот сигурно ќе започне војна. И онака сè она што претходеше на војната, и бегалска криза, и брегзит, и победата на Трамп, својата смисла ја наоѓа во враќањето на суверенитетот на националните држави, и разбивање на глобализацискиот оков, во симнување на синџирот на меѓународниот поредок, сè што во нашиот случај, изгледа, може да значи само војна. Инаку што ќе ни е државен и национален суверенитет ако не завојуваме околу него?

Меѓутоа по кои линии ќе се води војна ако Трамп се здружи со Путин, кој веќе е здружен со Ердоган? Како ќе се распоредат завојуваните страни, ако Србите на Путин против себе ги имаат Хрватите на Трамп, а и едните и другите се против Бошњаците на Ердоган. Веројатно и на ова прашање постои некој основан одговор. Постои некоја геостратешка логика по која работите така ќе се наместат за конечно пак да се завојува. Можеби во тоа некако ќе помогнат Кинезите.

Секоја војна што ќе се започнеше на Балканот по 1914. резултираше со декултивизација, губење на врските со Европа, приклучок на онаа традиција во која ќе се заколнува и пред и по војната. По секоја од овие војни овие земји наликуваа се помалку на себе, или на посакуваната слика за себе, која непрестајно ја нудеа за да се воспостави линијата на разлика во однос на непријателот. Секако, на оние од најблиското соседство, а не оние кои го преминале Алпите и Карпатите за да се спуштат кај нас.

Со секоја голема војна, од онаа Првата светска, па до последната, онаа што започнува со пад на Берлинскиот ѕид, глобалните состојби кај нас се користат за големи локални пресметки. Сеедно дали сакате тие пресметки да ги толкувате како граѓанска војна или како агресија од соседите, секој пат се работеше за контакт меѓу географски (и културно-цивилизациски) блиски заедници. Во секое такво колење - затоа што секоја наша војна пред се е колење на другиот - секоја од завојуваните страни по пат спроведе и одреден хируршки зафат на сопственото тело и на телото на својата култура, отсекувајќи во секоја војна по некој сопствен екстремитет, на патот кон совршено обликуваното тело на нацијата, кое ќе биде без раце и нозе. Само глава и неподвижно тело.

И тогаш би наишол шокот на првиот ден по војната. Тогаш би виделе дека светот на кој сакавме да му припаѓаме отиде далеку од нас. И дека од него се разликуваме за уште една војна и за уште едно касапење на сопственото тело, кое нам требаше да ни овозможи што поактивно и поавтентично да ги мразиме своите соседи, и од нив конечно да почнеме да се разликуваме до непрепознатливост. Меѓутоа наспроти нашите желби и стремежи, секоја нова војна нас нè направи се послични и поблиски на оние против кои најмногу сме војувале.

Тажно и трагично е што повторно случувањата во светот нè тангираат само заради можностите за пресметка со нашите соседи. Милорад Додик така страсно сакаше да замине на инаугурацијата во Вашингтон, па макар таму да ја гледа и на телевизор во некоја маалска пивница. Има ли во Хрватска, Босна, Србија или на Косово, кој било политичар што со чиста душа сега би можел да каже дека не ја дели истата желба со Додик? Има ли кој било што не би се сликал до оградата на Белата куќа, како што се сликаше претседателката на Хрватска? Разликите се, веројатно, само во стилот и начинот, во тоа едниот да навали како сивоња, се додека не му ја ускратат визата, а другата никого ништо да не праша, туку фино да седне во авион и да замине. Но сите тие некако мислат дека Трамп ќе биде против нивните соседи, а за нив. Само што едните се надеваат во неговото пријателство со Путин, а другите веруваат - овој пат точно - дека интересите на пребогатата Америка, сепак се малку поинакви од интересите на економски истоштената Русија, па од тоа пријателство ништо нема да биде.

Војна! Војна! Војна! скандираат водачите на вечно закараните племиња, народи и држави, а нам, ден по ден, ни се ближи пролет. Тажен е и неволен светот што ќе ги изгуби причините да и се радува на пролетта. Тажен е и неволен светот на алергични, кои ќе почнат да киваат, кашлаат и шмркаат штом огрее сонцето а вегетацијата заживее. Ако во нашиот дел од светот се завојува тоа ќе биде војна на марионети, кој ќе се води по истиот распоред на меѓусоседски омрази и сопствени национални самоостварувања, по кои се водеа сите војни од 1914. Но овој пат невозможно е да се замисли мир по уште една таква војна. Има само една причина зошто таа војна, сепак, нема да ја има. Тука веќе нема ништо стварно важно. Благословените се неважни.

Миљенко Јерговиќ,
Јутарњи лист

25 јануари 2017 - 17:53