Бегалски голготи:

Пренесете му на Брисел: Без оглед на сè, ние доаѓаме

Ова е изјава на бегалец од Сирија заглавен на просторот на ничија земја на грчко македонската граница. Човекот е уверен дека за стапицата во која се наоѓа е виновен Брисел.

фото: Роберт Атанасовски (mkd.mk)

"Овде во Европа животните спијат во кревети а ние спиеме на дожд", изјавила 23 годишната бегалка од Сирија Фатима Хамидо, влегувајќи на македонска територија. Изјавата ја бележи известувач на американскиот PJ Media опишувајќи ја драмата и хаосот на бегалците тргнати кон посакуваните шенген дестинации на стариот континент.

Се чини дека обидите на македонската полиција и војска да го регулираат протокот на луѓе се осудени на неуспех со оглед на тоа што постојано се зголемува бројот на бегалци кои доаѓаат од грчката страна. Во јули преку море од Турција во Грција се префлени 50.000 бегалци, бројка што сигурно ќе биде надмината во август.

Заглавен на граничниот меѓупростор, 32 годишниот Сааед од Сирија изјавил:

"Ние знаеме дека ова не е од Македонија и од македонската полиција. Ова е од Европската Унија. Ве молам пренесете му на Брисел дека без оглед на сè, ние доаѓаме".

Последниот бран бегалци во Европа доаѓа од Средниот исток но континентот истовремено е цел и за огромен број бегалци од Либија и други африкански земји кои бегаат од хаосот на нивните земји, во добра мерка предизвикан од игрите на меѓународната политика. Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен, Сомалија, Либија, Конго, Нигерија... се земји кои се празнат од луѓе или заради војните или заради неподносливата сиромаштија.

Минатиот месец границите на ЕУ ги минале 107.500 мигранти. И додека овие луѓе веруваат дека во Европа ќе успеат да се вдомат, добар дел од европската политика главно се бави со лицитација која земја колку луѓе може да прими. И од што 'сорта' да бидат тие.

Германскиот министер за развој Герт Милер предложи Европската комисија да одвои 10 милијарди евра за изградба на бегалски кампови и прифатни центри на периферијата на Европската Унија.

22 август 2015 - 21:24