Зукерберг (не сакајќи) даде одличен аргумент за растурање на Фејсбук

Никој не може да му го прости на Фејсбук проблемот со вестите, ниту оние што ги објавуваат (како да се борат против лажните вести), ниту оние што ги читаат (како да се борат против лажните вести). Дополнителната критика (и паника) е дека Фејсбук стана една од двете најмоќни мрежи на планетава за дистрибуција на вести и информации.

Иако до сега ставот на Зукерберг беше дека тој е скептичен околу улогата на Фејсбук во последните претседателски избори во САД, по се изгледа дека тој сериозно ги сфатил критиките па седна и на Фејсбук објави пост од 5.800 збора "во кој ја дополнува мисијата на компанијата и покажува кон иднината. И звучи, искрено, како Зукерберг да сака да почне од ново".

Глобалистичкиот завет Зукерберг го објави вчера, а по него следуваше медиумски десант, каде тој се појави на 4 интервјуа со новинари.

Чувството на Брајан Фелдман од Њујорк магазин, по читањето на текстот на Зукерберг и интервјуата, е дека Зукерберг потрошил време размислувајќи на своето дело и "тој сака вие да знаете дека тој ја разбира неизмерната моќ на Фејсбук, и дека тој ќе ја искористи истата за да создаде подобра иднина. Или кажано со изборен речник, ова е неговиот инаугурациски говор".

"Зукерберг пишува:

'Нашите најголеми можности сега се глобални - како ширење просперитет и слобода, промовирање мир и разбирање, вадење на луѓето од сиромаштија, и забрзување на науката. На нашите најголеми предизвици исто така им се потребни глобални одговори - како крај на тероризмот, борба со климатските промени, и спречување пандемии. Прогресот сега бара човештвото да се сплоти не само како градови и нации, туку и како глобални заедници.'

Зукерберг сака да го позиционира Фејсбук, јавно тргувана невладина компанија, како глобалниот слој за комуникација под кој се останато ќе се случува. Ова не е многу суптилен начин за аргументирање дека Фејсбук треба да добие уште повеќе влијание од она што денес го има," објаснува Фелдман.

Според него во манифестот на Зукерберг има едно важно признание, дека Фејсбук е масовно влијателен, меѓутоа текстот не ја спомнува соодветната реалност - дека токму таа моќ е она што ги прави луѓето скептични кон Фејсбук.

"Всушност, она што го направи Зукерберг е да обезбеди ненамерен аргумент во корист на децентрализацијата на интернетот - мали групи и заедници со способност да пристапат до големата мрежа кога тоа е неопходно. Идејата за глобална комуникациска мрежа и онака веќе е многу популарна: се вика интернет.

Манифестот звучи како Зукерберг никогаш да не се сретнал со меил клиент. Таа мрежа расте и успева благодарејќи на употребата на отворени стандарди, како мејлот и веб протоколите. Фејсбук, спротивно на ова, е технолошка црна кутија чии напредоци постојат за лично збогатување, прво и најважно. Ако Зукерберг навистина е загрижен за глобалните комуникации, тој можеби ќе сака да размисли да искористи повеќе од неверојатните ресурси на компанијата за развивање на отворени стандарди кои можат да постојат вон Фејсбук.

Интересно е што Зукерберг конечно сфати колку моќ има Фејсбук во оформувањето на погледот на луѓето кон актуелните настани, додека истовремено продолжува да го држи првичниот инвеститор, советникот на Трамп, и финансиерот на тужбата против Гавкер, Питер Тиел во својот борд. Манифестот на Зукерберг е убава идеја (и така-така парче текст). Ама Фејсбук во минатото има дадено многу ветувања дека се грижи за своите корисници, и тогаш делуваше спротивно на нив или никако не делуваше," пишува Фелдман.

18 февруари 2017 - 18:41