Википедија го забрани Дејли мејл како „несигурен“ извор

Уредниците на онлајн-енциклопедијата одлучија да го исклучат Дејли мејл од списокот дозволени референци поради неговата „репутација за недоволно проверување факти, сензационализам и измислување“.

Освен Дејли мејл, уредниците имале забелешка и за користењето на Раша тудеј и Фокс њуз, меѓутоа тие и понатаму остануваат во употреба.

Од Викимедија-фондацијата тврдат дека уредниците на англиската верзија го дискутирале користењето на Дејли мејл уште од почетокот на 2015.

„Врз основа на барањата во коментарите (на бордот за веродостојни извори), волонтерите-уредници на англиската Википедија дојдоа до консензус дека Дејли мејл 'генерално е неверодостоен и дека неговата употреба како референца генерално ќе биде забранета, посебно ако има повеќе доверливи извори'“, стои во соопштението од Викимедија-фондацијата.

Фондацијата побара од уредниците да прегледаат и да сменат околу 12.000 постојни референци во кои е наведен Дејли мејл.

9 февруари 2017 - 09:21