Троловите победуваат на интернет

Праксата на новинарката на Атлантик, Адриен Лафранс, кога ќе налета на злонамерен твит или коментар е да напише одговор, да направи принтскрин, сликата да ја зачува во посебен фолдер а одговорот да го избрише без воопшто да го испрати. Па, што се однесува до тролот или Твитер јајцето, таа воопшто ја нема ни прочитано пораката.

За студија на Пју центарот анкетирани се повеќе од 1.500 технички лица и истражувачи, на кои им е поставено прашањето: "дали во следната деценија јавниот онлајн дискурс ќе стане повеќе или помалку оформен од лошите актери, вознемирување, тролови и севкупен тон на сеопфатна недоверба и одвратност?"

Од овие 1.500 луѓе, 81% изјавиле дека онлајн разговорот во следната декада или ќе остане ист, или ќе се влоши. Уште полошо е што на интернет почнуваат да се појавуваат "безбедни зони" за заштита на луѓе од тролови, што како последица би можело да има создавање на "Потемкинов интернет", убава фасада која само го прикрива недостатокот на вистинска пристојност на мрежата.

"Сајбер нападите и тролањето ќе продолжат, додека социјалните платформи, експертите за безбедност, етичарите и останатите ќе се борат околу најдобрите начини да се балансира безбедноста и приватноста, слободата на говор и заштитата на корисниците. Добар дел од ова ќе се случува пред очите на јавноста.

Она што повеќе загрижува е можноста поборниците за приватност и безбедност, во обид да создадат побезбеден и рамноправен интернет, да ги истуркаат троловите во поскриени канали како Тор. Најлошиот исход е дека ќе завршиме со некаков Потемкинов интернет каде сè изгледа разумно ведро и светло, додека крие многу попроблематична и помалку транспарентна реалност," објаснува аналитичарката од Алтиметер груп, Сузан Етлингер.

Како што објаснува Лафранс "непријатната вистина е дека луѓето сакаат тролање," и за нив е лесно да бидат анонимни и да малтретираат луѓе, а за компаниите е тешко да направат системи што ќе ги спречат во тоа. Според нејзе има две причини за ова "тешко": прво, заради постојано растечкиот обем на интернет дискурсот и се поголемата комплексност, и второ, затоа што технолошките компании немаат многу поттик за да го решат овој проблем за луѓето.

Професорот по право на Универзитетот во Мериленд, Френк Пасквале, објаснува дека "многу често омразата, нетрпеливоста и гневот ја зголемуваат активноста на платформата. А кое е и да е однесување ги зголемува приходите од реклами нема да биде забрането, туку поттикнато, освен некои екстремни случаи".

Во целата ситуација не помага и тоа што традиционалните медиумите повеќе не се важни како некогаш, а растот на формати како кабелски вести и радио програми, "се очигледно скршнување од некогаш високиот стандард за дискурс во професионалните медиуми," а во таква ситуација Фејсбук и Твитер "служат како новиот јавен плоштад".

31 март 2017 - 13:03