Се продава една стара интернет компанија, се вика Јаху

Ваков наслов кај дел од читателите ќе предизвика чудење што се продава компанијата која им е поим за интернет а друг дел веројатно ќе си помислат: Сум слушнал за Јаху, ама  зарем тоа уште е живо?

По периодот за прелиминарни понуди (во кој Тајм и Комкаст наводно се откажале а Веризон и Гугл покажале интерес), се очекува Јаху официјално да се најде на слободна продажба. Иако има проценки дека уште еднаш се работи за голема шашма.

Формирана е уште во 1994 година што по интернет стандарди е антика, но нејзините сајтови денес сепак се трети по големината на сообраќајот кој го генерираат. А во нејзиното порфолио се Yahoo Finance, News, Search, Mail, Tumblr и Flickr.

Зошто Јаху би се продавал? Затоа што наспроти милијардите уникатни посетители кои ги привлекуваат, инвеститорите не се среќни. Во минатата деценија шест извршни директори се обидоа да ја сменат сликата. Последна меѓу нив е способната и амбициозна Мариса Мајер, талентиран компјутерски научник која беше една од првите вработени во фирмата и која имаше клучна улога во создавањето на гигантот. Па сепак ни таа не успеа да ја подобри крвната слика на матичната фирма.

Не дека Јаху не собира еден тон пари, проблемот е што тие се недоволни да ги покријат трошоците. Според eMarketer, Јаху годинава ќе собере 2,6 милијарди долари од глобалните дигитални реклами. Но, тоа е само 1.5% од вкупниот колач од кој Гугл и Фејсбук држат 40  проценти. 

NPR се заинтересира зошто сајтовите на Јаху и денес се уште толку популарни. Одговорите биле очекувани - од навика. Многумина дошле на платформата, така го научиле интернетот и останале на истото место.

Во пакетот што можеби ќе биде понуден на продажба нема да биде вклучено највредното парче на Јаху - нејзиниот сопственички удел во кинескиот онлајн продавач Алибаба.

18 април 2016 - 09:19