Почеток на крајот на Флеш банерите

Пред неколку месеци Гугл најави дека од 1-ви септември ќе се потруди вашето веб искуство во Гугл Хром да остане богато и интерактивно, а притоа да не ја цеди батеријата на лаптопот. Преводот на целата оваа политички коректна изјава е дека цел Флеш ќе биде на пауза.

Од денес Гугл Хром на сите банери, видеа и игрици кои се базираат на Флеш ќе им ја укине можноста за аутоплеј. Во исто време банерите и сите останати елементи кои користат ХТМЛ5, ќе продолжат да работат како до сега.

"Одлуката, прв пат откриена во јуни на Гугл+, е најновиот клинец во ковчегот на Флеш, што е одлична вест за интернетот: Флешот е пренатрупан, небезбеден и ја цеди батеријата, и заслужува да умре," пишува Клин Финли за Вајард.

Слична омраза кон Флеш споделува и Мозила, која минатиот месец комплетно го блокираше Флешот на Фајрфокс се додека Адоуб не објави нова верзија во која закрпи еден сериозен безбедносен пропуст.

Неодамна првиот човек за безбедност на Фејсбук, Алекс Стамос, побара од браусерите комплетно да го забранат Флеш. Очекувајќи ова да се случи Фејсбук полека започна сите свои видеа да ги заменува со ХТМЛ5 алтернатива.

"Огласувачите се наголемите про-Флеш поборници, меѓутоа Амазон објави дека повеќе нема да прима Флеш реклами на својата мрежа од сајтови. Одлуката на Гугл да ги паузира Флеш рекламите е уште поголема; и ова може да биде поттурнувањето што и е потребно на индустријата за да се премине на подобри технологии," објаснува Финли.

1 септември 2015 - 10:15