Немој некој да ни ја фалел Русија

Исправена пред престојните цивилизациски битки за зачувување на светскиот мир и продолжувањето на животот на оваа планета, Русија најде  за потребно да го забрани Порнхаб.

Порнхаб и уште десетина порно сајтови отидоа курбан во име на зачувувањето на јавниот морал на Русинот и неговата чедна словенска душа и тело.

Надлежниот чувар Роскомнадзор неделава додаде 11 порнографски сајтови на црната листа откако судот во Краснодар заклучил дека овие веб сајтови го прекршуваат членот 242 од кривичниот закон кој забранува "илегална дистрибуција на порнографски материјали" како и детска порнографија.

Не е познато точно кои клипови од Порнхаб го дигнале алертот.

Русија годинава доста трудољубиво ставаше забрани наоколу. Во февруари беа забранети 100 сајтови на слична основа како Порнхаб. Неколку месеци подоцна се забранија мемиња со познати лица, во јуни ставија катанец на познатата интернет архива со објаснување дека имало една страна (а има тон) која била поврзана со тероризам, а Роскомнадзор попат им се закануваше и на Фејсбук, Гугл и Твитер.

Твитерџика ги пингала Роскомнадзор со прашање зошто е забранет Порнхаб а од официјалниот акаунт на институцијата ѝ било одговорено: "За да можеш да запознаеш некој во вистинскиот свет"

10 септември 2015 - 10:06