Фармите што ќе ги упропастат социјалните медиуми

За да влезе на работа 17-годишната Ким Касипонг мора да мине покрај бодликава жица, шест кучиња и стражар. Девојчето работи со социјални медиуми.

Работа и е во Лапу-Лапу (Филипини) и работи на "Фејсбук фарма" за креирање профили.

"Осум вработени седат во две соби со алатот распореден на нивните бироа: компјутер, минариња од СИМ картички за мобилни и стар мобилен телефон. Десетици илјади дополнителни СИМ картички се спакувани во купчиња и распоредени под столици, врз компјутерите и во кутии од инстант нудли низ собата...

... Касипонг ги става слушалките, пушта денс музика - Парамор и Авичи - и ги прегледува барањата на клиентот. Нивните спецификации често се многу прецизни. Фитнес од Сао Паоло бара 75 Бразилци фитнес фанатици, или бар од Сан Франциско бара 1.000 геј мажи кои живеат во градот. Нејзината сегашна нарачка е најчеста: Фејсбук профили на убави Американки на возраст меѓу 20 и 30 години. Откако ќе ги добие овие профили, клиентот веројатно ќе ги користи за да продава Фејсбук лајкови на муштерии кои бараат нелегално засилување на социјалните медиуми.

Најголем дел од профилите што ги креира Касипонг им се продаваат на овие дигитални посредници - 'клик фарми'... Изгуглај 'buy Facebook likes' и ќе видиш колку е лесно да се купи влијание на интернет од пазарот на црно: 1.000 Фејсбук лајкови за 29,99 долари; 1.000 Твитер следбеници за 12 долари; или каков било тип на лажен кредит на социјални медиуми од прегледи на ЈуТјуб до следбеници на Пинтерест до преслушувања на СаундКлауд. Социјалните медиуми моментално се моторот на интернетот, ама тој мотор работи на доста сомнително гориво.

Касипонг ја игра својата улога во киднапирањето на валутата на социјалните медиуми - Фејсбук лајкови, Твитер следбеници - правејќи ја истата рутина секој ден од ново. Таа почнува со внесување на спецификациите од нарачката на клиентот во вебстраната Fake Name Generator, која генерира социолошки реалистичен идентитет: Ашли Нивенс, 21 година, од Нешвил, Тенеси, студентка на Универзитетот Њујорк, која хонорарно работи во Американ Апарел. Потоа на Ашли и креира меил, кој е основа за отворање на нејзиниот профил на Фејсбук. Таму додава и профил фото која ја наоѓа во библиотеката од слики украдени од сајтови за лични контакти, инаку собрани од нејзините колеги. Цело време благодарејќи на прокси сервер изгледа како таа да го отвора профилот од Менхетен, додека во исто време софтвер ги брише сите колачиња од Фејсбук.

По ова става СИМ картичка во стариот Нокиа телефон. Откако тој ќе се вклучи таа го внесува бројот во профилот на Нивенс и чека да добие код за верификација преку СМС. Кодот го внесува на Фејсбук и Ешли Нивенс, според безбедносните алгоритами на Фејсбук, е вистински човек. Целиот процес трае околу 3 минути...

... Кога Касипонг станува од своето столче веќе е 18 часот, колега од вечерната смена чека да седне на нејзино место," раскажува Даг Кларк во текстот за Њу Рипаблик.

Газдата на Касипонг, Ричард Брагс (ова му е име за на работа и за претставување на интернет), пред да почне со оваа работа живее од спамирање на околу половина милијарда меил адреси. Неговиот бизнис, и повеќе слични на него, се растурени во периодот меѓу 2010-та и 2012-та, кога експертите за интернет безбедност и светските власти тргаат во поход против мрежите од спамботови. Бизнисов го почнува во 2012-та, кога сам ги исполнува нарачките на клиентите за изработка на лажни профили и продажба на лажни лајкови и со тек на време како што расте бизнисот тој почнува да вработува нови луѓе. Кога сфаќа дека во продажбата на профилите има повеќе пари отколку во лајковите, тој го реорганизира бизнисот.

Сега има 17 вработени, кои работат во смени од 24 часа. Од јули 2013-та почнува да прави и телефонски верификувани профили, за кои Касипонг и нејзините колеги директно разговараат со Фејсбук за да го потврдат идентитетот. Касипонг има околу 100 вакви разговори на ден, нејзините колеги имаат просек од околу 150. Телефонски верификуваните профили се продаваат за 70 центи, премиум верзијата од нив (со уште подетална биографија и содржина) се продава за 1,50 долари. Платата на Касипонг е 215 долари месечно, минималната плата во земјата за домашна помошничка е 34 долари месечно. Луѓето што работат трета смена добиваат бонус.

целиот текст тука

21 април 2015 - 17:17