Амазон и пола интернет паднаа заради печатна грешка

На почетокот од неделава интернетот беше на пола душа откако серверите на кои е сместен добар дел од светската мрежа, едноставно исчезнаа.

Недостапноста на С3 сервисот на Амазон траеше повеќе од 4 часа (и се случи во исти ден со британската прослава на денот на АВС, Амазон Веб Сервиси), и во тоа време меѓу другите не беа достапни Куора, Трело и ИФТТТ.

Во порака до корисниците, Амазон објави дека причина за проблемот била печатна грешка. Во вторникот утрото тимот на С3 го дебагирал системот за наплата на сервисот. Како дел од дебагирањето им било потребно гасење на мал број сервери.

"За жал, еден од податоците во командата за гасење бил погрешно внесен, и е изгасен значително поголем број на сервери.

Серверите кои ненамерно беа изгасени опслужуваа други два потсистеми на С3," се објаснува во соопштението на Амазон.

Овие два потсистеми се важни затоа што едниот од нив "ги менаџира метаподатоците и информациите за локација на сите С3 објекти во регионот", и без него сервисите кои зависат од овој потсистем не можат да извршуваат основни задачи на повлекување или запишување податоци.

Проблемот е што откако ќе изгасиш вакви сервери, нивното подигнување трае малку подолго отколку на пример подигнување на лаптоп или рестартирање телефон, што е причина за над 4 часовната дупка во нивното работење. За време на падот на С3, прекинуваат да функционираат и други сервиси на Амазон.

Од компанијата објаснуваат дека С3 е дизајниран да може да го истрпи губењето на неколку сервери, меѓутоа проблемот е кај масовниот рестарт на важни делови од инфраструктурата. 

3 март 2017 - 11:01