Зошто Германците (речиси) сè плаќаат во готово

Во просек Германците имаат 2 пати повеќе готовина во новчаник отколку Американците, Французите или Холанѓаните, а околу 80% од сите трансакции во земјата се прават со готовина.

Просечниот германски новчаник во себе има околу 100 евра, а според статистики готовината е и најчест начин за плаќање и за големи трансакции. И луѓето што ги прават овие статистики не се сигурни од каде им е ваквата навика на Германците.

"Еден поглед во новчаникот ви дава сигнал за трошоците и останатиот буџет. Кога трошоците во најголем дел од времето се во кеш, тогаш квалитетот на овој сигнал е силен. Ние претпоставуваме дека на одредени потрошувачи овој сигнал им е важен и затоа се решаваат да користат готовина," пишува аналитичарот на Европската централна банка, кој изработи извештај на темата.

Друго објаснување е дека Германците уште влечат навики од хиперинфлацијата пред Втората светска војна, кога цената на лебот достигнува 428 милијарди марки, а кило путер чини околу 6000 милијарди марки. Тие имаат проблеми и по војната, се до 1948-ма кога се укинува рајхмарката и се воведува дојч марката.

Токму овие околности во неколку ситуации до сега (американската депресија, кризите во Бугарија и Романија) се покажа како причина за луѓето да користат и чуваат готовина (посебно во стабилна странска валута).

На сето ова се придодава и се-германскиот презир кон долговите (германскиот збор за долг "Schulden" доаѓа од зборот за вина "Schuld"). Заради ова и нивото на потрошувачки долгови во Германија е значително ниско, а заради аверзијата кон хипотеки земјата има една од најниските стапки на сопственици на станови.

"Со други зборови германската тенденција да се избира готовина е последица на тоа што во најголемиот дел од минатиот век Германија бил на работ, сред или се борела да излезе од некоја катастрофа," пишува Мет Филипс во текстот за Кварц.

27 септември 2014 - 17:52