Трансатлантската битка за парите на Епл

Борбата е кој ќе го оданочи Епл, Американците го бараат данокот по основа дека Епл е американска фирма која благодарејќи на даночните правила на ЕУ избегнува данок во вредност од милијарди долари. Европејците тврдат дека Епл им должи милијарди долари данок затоа што добиле недозволени даночни олеснувања. Епл, нормално, не сака никаде да пушти ни пара.

Единствено нешто на што американските даночни власти повеќе се ежат од бегање во даночен рај заради избегнување данок, е кога странските власти кои го овозможиле овој даночен рај за да привлечат странски компании, сега сакаат ретроактивно да им наплатат данок на истите овие компании што ги прибирале.

Баш ова второто е планот на Европската комисија, која бара од Епл и останатите американски компании сместени во држави со лабави даночни стапки (пред сè Ирска), ретроактивно да платат пристоен данок за целото свое работење во Унијата.

Комисијата го сомничи Епл дека се користел со недозволени финансиски механизми за префрлање на својот профит во Ирска, а Ирска е осомничена што и го овозможила ова на компанијата преку воведување на одредени даночни механизми.

Корпоративниот данок во Ирска е 12,5% (во САД на пример е 35%) а преку дополнителните механизми тие успеале данокот на Епл да го сведат речиси на нула. Ако Комисијата одлучи дека ова претставува нелегална субвенција, Епл ќе треба да плати милијарди долари во минати даноци.

Блумберг посочува дека проблемот со предложената казна е што во случај на нелегална државна помош, главен прекршител е владата, а не компанијата која имала корист од тоа. Односно дека "ако Епл и другите компании ги следеле даночните правила на ЕУ, ретроактивен данок би бил неправеден."

Иако Американците го спорат овој план по основна на ретроактивноста, Блумберг проценува дека нивна главна мака е дека ваквиот развој би го спречил евентуалното враќање на парите во САД, што ќе дозволи истите тие пари да бидат таму и оданочени.

29 август 2016 - 17:34