Кинеската компанија што направи повеќе пари од цела Америка

За Црниот петок и за Денот на Благодарноста, Американците потрошиле 1,9 милијарди долари на онлајн шопинг. Ова е 18,5% повеќе отколку минатата година. Една кинеска компанија воопшто не е импресионирана.

За време на кинеската верзија на Црн петок, кој се случи на 11 ноември, кинеската компанија за е-трговија Алибаба обработи онлајн продажби во вредност од 5,75 милијарди долари.

Ова е 3 пати поголема продажба во споредба со Американците, а направена во само еден ден, од само една компанија.

Каналите на продажбата се двете веб страни што ги поседува Алибаба - Тмол и Таобао. На Тмол продаваат големите компании и брендови, а на Таобао продаваат малите бизниси и поединци.

Меѓу објаснувањата за огромниот промет е што Кина има голем број на интернет корисници (според некои процени речиси 600 милиони), а во голем дел од милионските градови во земјата нема продавници на некои од најголемите светски брендови, заради што онлајн шопингот е често практикувана варијанта.

Освен ова Алибаба има бизнис модел во кој на продавачите бесплатно им дава да отворат продавница на нивниот сајт, а парите ги заработува само од продажба на реклами. Купувачите пак се сигурни дека нема да бидат измамени заради Alipay сервисот кој ги чува парите се додека и продавачот и купувачот не се задоволни со зделката.

3 декември 2013 - 18:12