Предлог шаблон за секој иден состанок

20 сопственици на бизниси од Финска деновиве ќе имаат презентација пред инвеститори. Разликата со другите презентации, е што тие што ќе презентираат ќе зборат до пола влезени во замрзнато финско езеро, што е коректен критериум за да одредиш (за која било ситуација) кој стварно верува дека има нешто да каже.

Презентациите се одржуваат во финскиот град Оулу, и секој учесник на располагање има колку сака време за презентирање, што најчесто е правопропорционално со времето што може да го издржи во езерото. Поентата на потопување нормален човек во замрзнато езеро е инвеститорите да видат дали нивните потенцијални соработници се подготвени да излезат од комфорната зона и како реагираат притоа.

Затоа што се работи за Финска и затоа што во овој дел од годината се работи за вистински студ, издржливоста на презентерите е директно поврзана со тоа колку се подготвувале за настанот. Тие што учествувале минатите години објаснуваат дека кога влегуваш во езерото прво те опфаќа еуфорија, па потоа чувствуваш како некој да те штипе и боде со игли. Плус ако си машко искуството е надополнето со "немилосрдна болка од клоца во тестиси, која може да трае и неколку часа откако ќе излезеш од вода."

Дел од локалците кои ќе учествуваат, објаснуваат дека имаат навика речиси секое утро (лето / зима) пред работа да одат на пливање во локалните реки. Нивното искуство е дека колку повеќе остануваш во студот толку попријатно ти станува.

Тие што ќе влегуваат во вода не смеат да користат каква било топлинска заштита и одела, освен капа, ракавици, чевли и чорапи. За не дај Боже има и медицински екипи.

28 јануари 2015 - 14:40